Основниот кривичен суд Скопје денеска информираше дека го прифатил во целост обвинението против четворицата обвинети за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и дека наскоро ќе биде одреден датум на судењето.
Судот уште информираше дека против првоосомничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски Палчо истрагата сѐ уште трае по неговата екстрадиција од Туркије.
Основното јавно обвинителство Скопје на 31 мај до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против Влатко Кешишов, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Кешишов, Манев и Видевски се товарат за кривични дела убиство и грабнување, додека Ѓорчевски, таткото на Вања се товари за кривично дело помагање при грабнување, бидејќи според обвинението, им дал упатства на киднаперите за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште.
Според обвинението, Кешишов, Манев и Видевски заедно со осомничениот Палевски го планирале киднапирањето на Вања за да принудат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откупот, но зошто девојката е убиена не е прецизирано во обвинение.
„По разгледување и ценење на обвинителниот акт против обвинетите : В.М., Б.В. и В.К. обвинети за по две кривични дела Убиство како и две кривични дела Грабнување, како и обвинетиот А.Ѓ. обвинет за едно кривично дело Грабнување, а поврзано со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. во ноември минатата година, како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, Советот за оценка на обвинителен акт донесе решение со кое Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост“, соопштија од Кривичен суд
Од Судот информираат дека врз основа на одобрениот обвинителен акт се формира кривично-правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, односно ќе биде избран судски совет кој ќе го суди предметот и ќе биде одреден датум за судењето.