Османи: ЕУ треба да се комплетира, а не да се прошири     Фото:АА

„ЕУ наскоро ќе мора да донесе одлуки. За јасна перспектива се потребни јасни позиции. Стабилноста на Западен Балкан зависи од ова“, изјави министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи на Преспа форумот за дијалог (ПФД). Османи говореше за руската воена агресија во Украина, како и за важноста од интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ) на сесијата „Заедничко градење на отпорна европска безбедност“.

Зборувајќи за Украина, Османи рече дека тоа не е прашање само на националниот суверенитет и територијален интегритет на една земја, туку и прашање на заштитата на Европа од влијанието на трети страни.

Осврнувајќи се на интегративниот процес на Западен Балкан во ЕУ, Османи рече дека регионот се граничи само со земји членки на ЕУ, па според него, вистинскиот збор што треба да се користи е комплетирање на ЕУ, а не нејзино проширување.

Геостратешко значење

Тој, исто така, истакна дека интеграцијата на регионот е од геостратешко значење, нагласувајќи дека Западен Балкан е портата кон Европа во многу аспекти. При тоа, тој го спомена и прашањето за енергетската диверзификација, прашањето на миграцијата, поврзаноста со Централна Азија или Африка.

„ЕУ наскоро ќе мора да донесе одлуки. За јасна перспектива се потребни јасни позиции. Стабилноста на Западен Балкан зависи од ова. Доколку се повторат истите пораки како во последните години, тоа ќе биде погрешен и штетен сигнал. Западниот Балкан, како најблизок регион, е од клучно значење за Европа и кредибилитетот на Европа е загрозен во екот на драматичните настани што се случуваат во Украина“, рече Османи.

ЕУ е на крстопат

Тој рече дека ЕУ се наоѓа на крстопат и дека ако сега го остави надвор Западниот Балкан, ЕУ ќе биде таа што најмногу ќе загуби.

Османи истакна дека регионот станува важен фактор на меѓународната сцена, наведувајќи го претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ следната година.

За време на сесијата говореше и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмит, која се осврна на улогата на организацијата што ја предводи, особено во однос на војната во Украина.

Таа рече дека ОБСЕ е создадена за да ги намали шансите за конфликт. Сепак, како што рече, конфликти се случуваат, но организацијата, исто така, секојдневно работи на спречување нови конфликти.

„Сепак, еве сме, се соочуваме со суровата реалност на војната. И ова е без преседан. Не би сакала ова да го споредувам со ништо друго, бидејќи ова е целосно неиспровоцирана, неоправдана, нелегална војна која започна од држава учесничка против друга држава учесничка [во ОБСЕ], нанесувајќи притоа сериозни последици“, рече Шмит.

Таа нагласи дека Русија и Украина се дел од ОБСЕ, додавајќи дека и покрај напорите за соработка и дијалог, Русија и рускиот претседател Владимир Путин го избрале насилниот пат.

Шмит, исто така, изрази уверување дека Северна Македонија е добро подготвена да го преземе претседавањето со ОБСЕ следната година.

За време на сесијата говореа и експерти и министри за надворешни работи од различни земји.




AA
Популарни