Претседателката на Косово Вјоса Османи со Претседателски воен медал ги одликуваше припадниците на контингентот на Косовските безбедносни сили (КБС) кои учествуваа во операциите на пребарување и спасување во Туркије.
На свечената церемонија, која е одржана во холот на Собранието на Косово, присуствуваше целиот Контингент на КБС од 39 војници со три кучиња трагачи, како и командантот на КБС, Башким Јашари и други високи офицери и амбасадорот на Туркије во Косово Сабри Тунч Ангили и членови на семејствата на косовските војници.
Претседателот Османи во својот говор истакна дека е чест и привилегија да се биде со косовските војници кои се вратија од мисијата за помош на пријателска Туркије во деновите на ужасот по разорниот земјотрес.
„Нивното делување покажа дека нашата војска не само што е способна да ја заштити нашата нација од надворешни напади, туку е посветена да пружи поддршка на пријателските земји секогаш кога е потребно. Нашата војска е позната по својата храброст и служењето на државата, но служи и на народите на нашите браќа и пријатели во вонредни ситуации, како што тоа беше случајот со земјотресот во Албанија, а овие денови и со земјотресите во Туркије и Сирија“, нагласи Османи.
Претседателката Османи, Претседателскиот воен медал му го врачи на командантот на контингентот на Косовските безбедносни сили капетанот Егзон Сила, како признание за нивните неуморни напори и посветеноста да им служат на граѓаните без оглед на припадноста. Таа уште еднаш изрази сочувство за сите оние кои ги загубиле животите во овој разорен земјотрес.
Капетан Сила се заблагодари на медалот, истакнувајќи дека во турскиот град Хатај стигнаа на 7 февруари, каде успеаа да ги спасат човечките животи. Тој потсети дека веќе првиот ден успеале од под урнатините да спасат едно девојче и нејзината мајка.
Турскиот амбасадор Ангили рече дека косовските војници се херои, бидејќи контингентот на КБС работел во многу тешки околности храбро спасувајќи животи. Амбасадорот му се заблагодари на народот на Косово на материјалната и моралната помош која ѝ е понудена на Туркије. „Овој чин на поддршка уште еднаш покажува дека пријателството и братството помеѓу нашите земји е силно и прилично цврсто“, нагласи Ангили.
Контингентот на Косовските безбедносни сили, кој учествуваше во потрагата и спасувањето по разорниот земјотрес, синоќа се врати од Туркије, а на аеродромот ги пречека премиерот Албин Курти.
Курти во таа пригода рече дека екипата на КБС успеа да спаси четири лица, а да извлече и повеќе од 50 тела од под урнатините.
Во тимот на КБС беа специјалисти за урбано пребарување и спасување, како и тимови за итна медицинска помош и единици на кучиња трагачи. Покрај косовските војници во пружањето помош на турските власти, имаше и тим од шест членови на Здружението за пребарување и спасување на Косово, кој се врати минатата недела.