Претседателката на Косово Вјоса Османи во четвртокот во Приштина се сретна со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.
Како што се наведува во соопштението на нејзиниот кабинет, на средбата се разговарало за „одличните односи меѓу Косово и Велика Британија, посветеноста за продлабочување на меѓудржавната соработка, зајакнувањето на меѓународната позиција на Косово, како и безбедносната состојба во регионот и пошироко“.
Османи му се заблагодарила на Камерон за непоколебливата поддршка од Велика Британија на нејзината земја, вклучително и дипломатската поддршка во процесот на евроинтеграција на Косово во меѓународните институции.
Претседателката на Косово ја повтори важноста од членството на нејзината земја во НАТО, почнувајќи од вклучувањето во Партнерството за мир, како неопходен чекор за обезбедување на долгорочен мир и безбедност во регионот и пошироко.
Таа го истакна и значењето на членството на Косово во Советот на Европа со цел дополнително зајакнување и подобрување на човековите права.
„На средбата се разговараше и за безбедносната состојба во регионот и пошироко, а во таа прилика Османи го информираше секретарот Камерон за постојаните напори на Србија за дестабилизација, вклучително и за актот на агресија и терористички акт врз Косово на 24 септември. Претседателката му се заблагодари на секретарот Камерон за зголемување на бројот на британските војници во рамките на КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката за обезбедување на границата со Србија“, се наведува во соопштението.
Се додава дека Османи зборувала и за „терористички групи поддржани од Белград, кои продолжуваат да создаваат страв и заплашување кај српската заедница“.
„Османи посочи дека Косово е пример во регионот во однос на правата на немнозинските заедници и ја потврди целосната посветеност на земјата за зајакнување на секој граѓанин, без разлика“, се наведува.