Османи се обрати на Самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на бриселската тинк-тенк организација „Френдс оф Јуроп“ / Photo: Фејсбук профил на Бујар Османи / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, во рамките на работната посета во Брисел, се обрати на Самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на бриселската тинк-тенк организација „Френдс оф Јуроп“ („Пријатели на Европа“).

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија објави соопштение во врска со обраќањето на Османи.

„Проширувањето на Европската Унија отсекогаш имало меритократски и геополитички аспект“, истакна Османи, посочувајќи дека патот на Северна Македонија кон ЕУ бил исполнет со исклучително тешки предизвици, но дека никогаш не отсуствувала стратегиската јасност околу надворешно-политичкиот приоритет за членство во Европската Унија.

На сесијата насловена „Проширувањето на ЕУ: новата геополитичка неопходност“, Oсмани рече дека токму концептот „сѐ или ништо“ не нуди придобивки за граѓаните пред формалното полноправно членство.

Оттука, според Османи, концептот за повеќе интеграција пред полноправно членство претставува најдобро можно решение.

„Уверен сум дека концептот на забрзана и постепена интеграција, кој го нарековме 'Повеќе интеграција пред членство', ќе даде опипливи придобивки дури и во оваа фаза од процесот на пристапување. Очекувам да се поканат партнерите од Западен Балкан што имаат 100 отсто усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ да учествуваат на состаноците на Советот за надворешни работи, да добиеме пристап до Единствениот пазар на ЕУ и до структурните и кохезивните фондови“, нагласи Османи.

Покрај министерот Османи, на сесијата посветена на проширувањето на Унијата со свои обраќања учествуваа и заменик-претседателката на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Олга Стефанишина; министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани; министрите за европски прашања на Чешката Република и Црна Гора, Мартин Дворак и Мајда Горчевиќ; генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман; специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак; амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, како и поранешниот еврокомесар за проширување, Штефан Филе.

TRT Balkan / агенции
Популарни