Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи се обрати пред Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур / Фото: МИА

Враќањето на мирот во Украина и давањето суштинска поддршка на украинскиот народ се приоритети на македонското претсеавање со ОБСЕ, истакна денеска на Комитетот на министри на Советот на Европа во Стразбур, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.

Според Османи живееме во период на демократско назадување и безбедносни предизвици поради руската воена агресија против Украина.

„Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверената територија на Украина, ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за нејзино повоено закрепнување“, рече Османи.

Покрај планот за Украина, Османи се осврна и на другите долготрајни конфликти и нестабилност во регионот на ОБСЕ, за кои како претседавач презентираше патокази за постепено решавање што ќе доведе до долготрајна стабилност и мир.

„Во таа насока е и планот од 9 точки за деескалација на неодамнешните тензии во Косово што ќе обезбеди понатамошна нормализација“, нагласи Османи, потенцирајќи дека Претседателството во сите свои планови на прво место ги става луѓето и подобрувањето на нивниот секојдневен живот.

Како што рече Османи, ОБСЕ е вклучена во широк спектар на важни области за луѓето, а своите капацитети за регионот на Југоисточна Европа ги насочи на помирувањето, борбата против корупцијата и климатските промени.

TRT Balkan / агенции
Популарни