Османи рече дека Србија не се прашува за отворање на мост на територијата на Косово / Photo: AA

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, побара секоја одлука за отворање на мостот на реката Ибар во Митровица да биде координирана со косовските сојузници.

Османи при посетата на општина Витина рече дека Соединетите Американски Држави никогаш не биле против отворањето на мостот, туку бараат координација и безбедносни проценки.

„За време на моите средби со САД никогаш не беше кажано дека тие се против отворањето на мостот. Напротив, тие се за спроведување на договорот од Брисел, кој предвидува отворање на мостот. Но како и за секоја безбедносна тема, косовските институции и нашите безбедносни сојузници бараат од Косово да седнеме заедно и да работиме заедно на план за имплементација кој ги зема предвид безбедносните проценки и на Косово и на нашите сојузници, а во повеќето случаи тие се идентични, и дека врз основа на тоа се одредува поповолен момент за отворањето на мостот да биде траен успех“, нагласи Османи.

Одговарајќи на новинарски прашања, таа рече дека мостот е затворен од чисто политички причини и дефинитивно треба да се отвори, но кога ќе се отвори да остане отворен, а не кога ќе се отвори да предизвика зголемено присуство на НАТО на мостот.

Османи не сакаше да ги коментира изјавите на европските претставници дека отворањето на мостот треба да биде дел од дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел. Таа рече дека Србија не се прашува за отворање на мост на територијата на Косово.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера на состанокот на Владата на Косово повтори дека отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица е праведно, неопходно и корисно за сите и дека ќе продолжи со консултациите и координациите со партнерите.

Мисијата на КФОР, предводена од НАТО, во повеќе наврати изјави дека секоја одлука во врска со мостот на реката Ибар мора да се донесе преку политички дијалог и на координиран начин. КФОР ги повика сите актери да се воздржат од еднострани изјави и дејствија кои можат да создадат тензии.

Вицепремиерот на Косово и главен преговарач во дијалогот Бесник Бисљими изјави дека отворањето на мостот на Ибар не е еднострана одлука на Владата, бидејќи за тоа прашање има Договор во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Отворањето на мостот е предвидено со договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој беше потпишан во 2015 година во Брисел.

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави дека не се точни и се погрешни тврдењата дека ЕУ е против отворањето на главниот мост на Ибар. Лајчак на платформата „Х“ нагласи дека ЕУ постојано повторува дека прашањето за отворање на мостот мора да се реши со дијалог меѓу Косово и Србија. Тој оцени дека наметнувањето одлуки против волјата на засегнатите граѓани не придонесува за нормализирање на односите.

Главниот мост на Ибар во Митровица е затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година и може да се помине само пеш. Во Митровица има уште два моста кои ги поврзуваат јужниот мнозински албански и северниот мнозински српски дел од градот, кои се отворени за сообраќај.

AA
Популарни