Османи: Руската агресија врз Украина ги урна принципите кои одржуваа мир / Photo: AA (Archive)

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, истакна дека руската агресија врз Украина ги урна принципите кои одржуваа мир и стабилност, но дека НАТО навремено, цврсто и одлучно се адаптира на новите безбедносни и политички предизвици.

Османи ова го истакна во своето вчерашно обраќање на состанокот на Северноатлантскиот совет, на ниво на министри за надворешни работи, што се одржува во Букурешт, Романија.

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, во фокусот на разговорите биле актуелните безбедносни предизвици, поддршката за Украина, како и последиците од руската воена агресија, меѓу кои енергетската криза и недостигот на храна, кои, според соопштението, предизвикуваат нестабилност во чувствителните региони, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан.

Министерот Османи во своето обраќање го истакна стратешкото значење на регионите на Западен Балкан и Црното Море за Алијансата, нагласувајќи ја потребата од зголемување на поврзаноста и зајакнување на партнерството во справувањето со заедничките закани.

„Безбедноста во Европа е нарушена, руската агресија врз Украина ги урна принципите кои одржуваа мир и стабилност; но НАТО навремено, цврсто и одлучно се адаптира на новите безбедносни и политички предизвици. Немам дилема дека денес го реафирмираме ова единство, зајакнато трансатлантско сојузништво, но и одлучноста, подготвеноста и засиленото присуство овде, во регионот на Црното Море и по целото источно крило на Алијансата“ рече Османи.

Во рамки на состанокот, на кој учествуваа и министрите за надворешни работи на Шведска, Финска, сојузниците ја реафирмираа поддршката за Украина и украинскиот народ.

Воедно, стана збор и за политиката на Отворени врати на НАТО, при што Османи изрази надеж за што поскоро членство на Шведска и Финска во Алијансата, со што, според него, двете држави ќе ја зајакнат сопствената стабилност, но и дека значително ќе ја зацврстат улогата на одвраќање на Алијансата.

TRT Balkan / агенции
Популарни