Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи се потпиша во Книгата на жалост во Амбасадата на Туркије во Скопје, по повод разорните земјотреси што ја погодија Туркије на 6 февруари.
„Се потпишав во Книгата на жалост во Амбасадата на Туркије во Скопје, каде изразив искрено сочувство до семејствата на жртвите и до целиот турски народ. Остануваме обединети во напорите да обезбедиме помош и поддршка“, напиша Османи на Твитер.
Во амбасадите на Туркије во земјите од регионот отворена е Книга на жалост, каде државни претставници се потпишуваат во Книгата на жалоста и го изразуваат своето сочувство со турскиот народ и официјалните претставници на Република Туркије.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денес се запиша во Книгата на жалост која е отворена во Амбасадата на Туркије во Белград, во присуство на амбасадорот Хами Аксој.
„Ние сме со вас и ова е само почеток на помошта која ќе ви ја упатиме и со амбасадорот (Хами Аксој) разговарав за претстојните чекори, вклучувајќи и финансиска помош“, рече Вучиќ за АА.
Во амбасадата на Туркије во Сараево, во книгата на жалост вчера се потпиша и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Бечировиќ.
Бечировиќ притоа се состана со амбасадорот на Туркије во Босна и Херцеговина Садик Бабур Гиргин, на кој, во името на граѓаните на БиХ и во своето лично име изразил длабоко сочувство и солидарност.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се запиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Туркије во Загреб. Хрватскиот премиер во зградата на амбасадата го пречека турскиот амбасадор Јавуз Селим Киран со соработниците.
Во Книгата на жалост во Амбасадата на Туркије во Тирана се запиша и претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Премиерот на Косово Албин Курти ја посети Амбасадата на Туркије во Приштина каде изрази сочувство до официјалните лица од амбасадата по повод жртвите од разорниот земјотрес и се запиша во Книгата на жалоста.
Книга на жалоста поради земјотресите во Туркије отворена е и во Подгорица, главниот град на Црна Гора.