Пељешки мост, кој e долг 2.400 метри, ќе ги спои југот со остатокот на земјата.        Фото: ХИНА

Пељешкиот мост, кој треба да биде отворен денеска, е најголем хрватски инфраструктурен проект финансиран од фондовите на Европската Унија. На овој проект десет години работеа неколку хрватски влади, а се очекува економската корист од него да биде во најмала рака идентична со политичката и општествената.

Мостот е дел од проектот „патна поврзаност со јужна Далмација”. Хрватската влада во февруари 2017 година ја усвои одлуката за финансирање на тој проект кој е поврзан со изградбата на Пељешкиот мост. Таа одлука беше предуслов за реализација на изградбата на мостот и пристапните патишта.

Но и пред тоа, уште во мај 2013 година, Европската Комисија побара предстудија за изградба која покажа дека Пељешкиот мост е најдобро решение за поврзуванње на југот со остатокот од државата.

„Хрватски патишта” ја изготвија пријавата на големиот проект за поврзаност на патиштата со јужна Далмација, а владата излезе со став дека се јакне сообраќајната поврзаност на Далмација со остатокот од земјата. Тоа воедно е дел од стратегијата за сообраќаен развој на Хрватска од 2014 до 2030 година.

Се работи за најважниот геостратешки проект во Хрватска, проект од национален интерес со кој конечно се става крај на територијалниот дисконтинуитет на Хрватска.

Проценета вредност од 420 милиони евра

Проектот за изградба на Пељешкиот мост се состоеше од неколку фази. А фактот дека се работи за голем проект значи дека во него се вртат и големи пари. Тоа носи и големи проблеми.

Вкупната вредност на проектот се проценуваше на 420,3 милиони евра и вклучува изградба на мостот, пристапните патишта и обиколници.

Откако Министерството за море, сообраќај и инфраструктура ја доби потврдата од ЕУ дека проектот е добро подготвен и дека пријавата е уредна, Европската Комисија донесе одлука за прифаќање на кофинансирањето на проектот во износ од 357 милиони евра.

Проектот за изградба на Пељешкиот мост се состоеше од неколку фази.     Фото: ХИНА

Со објавата на јавниот повик изедувачот на работите на Пељешкиот мост и изградбата на пристапните автопати, беше означен почетокот на најголемиот инфраструктурен проект во Хрватска финансиран од фондовите на ЕУ.

Десетици милиони куни беа потрошени за откуп на земјиштето за изградба на мостот и пристапните патишта од локалното население.

Проект во неколку фази

„Хрватски патишта” во 2016 година објавија документ по кој до 2022 година беа предвидени четири фази на проектот кои вклучуваат изградба на пристапните патишта, изградба на мостот, делниците од патиштата на мостот и обиколниците.

Рокот за изградба беше пет години за сите фази, додека вкупната проценета вредност на проектот беше 420 милиони евра од кои ЕУ финансираше 330 милиони евра, или 78,5 отсто.

Мостот има интегрална хибридна конструкција со 13 распони од кои пет главни распони со должина од 285 метри, шест централно поставени армиранобетонски столбови високи 33 метри и две ленти кои ќе служат за одржување на мостот.

Мостот е долг 2.400 метри, а просторот за пловни објекти усогласен со експертската група од БиХ е 200 пати по 55 метри.

Главниот одговорен проектант на Пељешкиот мост Марјан Пипенбахер на крајот на ноември во 2017 година јавно презентираше како настанал проектот Пељешки мост.

„Ова е мое животно дело” изјави Пипенбахер.

Три понуди, победа на Кинезите

На повикот за изградба на Пељешкиот мост стигнаа три понуди. „Хрватски патишта” во јануари 2018 година објавија дека за склучување на договорот за јавна набавка е одбран тимот на China Road and Bridge Corporation, CCCC Highway Consultants Co. Ltd со понуда од 277 милиони евра без ДДВ и со рок на изградба за три години.

Кинезите ја добија работата пред австриски „Страбаг” и заедничката понуда на понудувачи од Италија и Туркије.

China Road and Bridge Corporation е подружница на кинеската државна компанија China Construction Company (CCCC). Нивната примарна дејност вклучува изградба на автопатишта, мостови, пристаништа, тунели.

Жалби за јавниот повик

Откако речиси се беше подготвено за почеток на изградбата, почнаа да се јавуваат проблеми и пристигнуваа жалби за јавниот повик.

Државната компанија за контрола на постапки за јавна набавка ја одби жалбата на Страбаг и на компаниите Италија и од Туркије.

На крајот на јули 2018 година Кинезите почнаа со изградба на Пељешки мост. Претставникот на изведувачот на работите Лу Шенгвеи вети дека проектот ќе биде направен на време и квалитетно со ангажман на локални компании.

По одолговлекувањето поради жалбите, имаше најави за тужба од Босна и Херцеговина. Државата не беше задоволна од развојот на ситуацијата. Имено во 2018 година Халид Гењац, претседател на Главниот одбор на СДА (Странка на демократска акција) изјави дека ова тело донело заклучок дека е неприфатливо да се гради Пељешки мост на штета на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.

„Пред градбата мора да се ратификува договор за границата на БиХ и Хрватска кој е потпишан во 1999 година при што мостот не смее да го доведе во прашање правото на БиХ за пристап на отворено море. И тоа апсолутна слобода на движење и комуникации”, изјави Гењац.

Во октомври истата година членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ наведе како оправдано зазел цврст став во однос на изградбата на Пељешки мост. Тој истакна дека верува дека таков пристап ќе даде резултат во конечната заштита на она што тој го смета за државен интерес на БиХ.

Со подигањето на 165 сегменти на челичната конструкција, мостот на 29 јули минатата година беше потполно споен и се протега од Комарна на копнената граница до Бријеста на Пељешац.

Симоболично поставувањето го завршија премиерот Андреј Пленковиќ и министерот за сообраќај Олег Бутковиќ, дубровачко-неретванскиот жупан Никола Добросављевиќ и претседателот на Управниот одбор на „Хрватски патишта” Јосип Шкориќ.

Мостот и пристапните патишта се готови

Директорот на Страбаг Хрватска Вељко Нижетиќ изјави дека компанијата своите работи на пристапните патишта ќе ги заврши на време.

Вредноста на тие активности е 63 милиони евра без ДДВ, а рокот за изградба е 13 август. Остануваат уште осум километри од обиколницата Стона и спојувањето на патот Д8 кој би требало да биде готов до крајот на оваа година.

HINA
Популарни