Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, на покана на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, оствари работна посета на Република Албанија, на општините Пустец и Подградец.
Според соопштението на Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, во Глобочeни, близу Пустец, Пендаровски и Бегај го посетиле Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе.
Во музејските простории, претседателите Пендаровски и Бегај и делегациите на двете земји остварија пленарна средба.
На средбата беше изразено задоволство од традиционалното пријателство и засилената соработка меѓу двете земји, како и уверување дека меѓусебната поддршка и размената на искуства ќе продолжат и во иднина, со цел постигнување на стратегиските цели и целосна интеграција на двете држави во Европската Унија.
„Во таа насока беше посочено дека отворањето на пристапните преговори отвори и нови перспективи и можности за двете земји, кои бараат поголема посветеност и преземање сериозни реформски процеси. Воедно беше истакнато дека двете држави треба да се фокусираат на инфраструктурните и енергетските поврзувања, на економската соработка, на ефикасното справување со ризиците од катастрофи и климатски промени, како и на предизвиците што ги носат безбедносните прашања“, се вели во соопштението.
Во Пустец, претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска ги посетија комбинираното основно и средно училиште „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ и библиотеката на отворено, каде што беа изложени книги на македонски и албански јазик.
Во изјавата за медиумите Пендаровски посочи дека овде е концентриран најголем број Македонци на подрачјето на Албанија и дека жителите на Пустец и учениците имаат одлични услови за образование и настава на мајчин јазик.
Заблагодарувајќи се за поканата од Бегај, Пендаровски посочи дека оваа пријателска посета е со цел да покажат дека малцинствата на двата народа што живеат во други држави имаат исти услови за живот како во своите матични држави.
„Значи, она што Албанците го имаат во Северна Македонија, да го имаат и го имаат и Македонците кои живеат во Албанија и обратно“, рече Пендаровски, додавајќи дека двете држави во однос на грижата за националните малцинства можат да бидат пример за сите.
За време на посетата на училиштето, Пендаровски донираше и книги на македонски јазик од Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Живко Чинго и други автори.
Во Пустец, Пендаровски оствари средба со претставници на Здружението на Македонците од Албанија – СОНЦЕ, со кои размени мислења за нивните активности, заложби, како и за можностите за унапредување на положбата на македонското малцинство во Албанија.
Претседателите Пендаровски и Бегај ги посетија и црквите „Свети Архангел Михаил“ и „Пресвета Богородица“ на островот Мал Град во Преспанското Езеро.
За време на посетата на Република Албанија, Пендаровски оствари средба и со локалните власти и градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, а ќе ја посети и Општина Подградец, каде што ќе оствари средба со градоначалникот Илир Џаколи.