Советот на ЕУ денеска го назначи данскиот дипломат Петер Соренсен за специјален пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина.
Како што се наведува во соопштението на Советот на ЕУ, задачите на новиот специјален пратеник на ЕУ ќе бидат да посредува во дијалогот, што ќе придонесе за сеопфатна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а особено имплементацијата на Спогодбата за патот кон нормализација на односите и анекс за нејзина имплементација, кои беа усвоени во февруари и март 2023 година.
Соренсен ќе ја преземе функцијата на 1 февруари 2025 година, со првичен мандат од 13 месеци.
Мандатот на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак истекува на 31 јануари годинава.
Соренсен беше предложен од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Соренсен е дански дипломат со долгогодишно искуство, вклучително и во регионот на Балканот.
Од 2006 до 2010 година бил личен претставник на тогашниот висок претставник на ЕУ во Белград. Служел и во Приштина, каде од 2001 до 2002 година беше виш советник на специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН во Приштина, а од 2002 до 2006 година беше заменик-шеф на IV столб (обнова и економски развој) на УНМИК.
Претходно, во 2000 година, работел како Правен советник на специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот.
Тој исто така беше шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје од 2010 до 2011 година и како специјален пратеник на ЕУ и шеф на Делегацијата на ЕУ во БиХ од 2011 до 2014 година.
Соренсен исто така беше политички советник и набљудувач во Мониторинг мисијата на Европската заедница во поранешна Југославија од 1995 до 1996 година, правен советник на високиот претставник во Сараево од 1996 до 1997 година, а потоа шеф на политичкиот оддел и виш советник на шефот на ОБСЕ во Хрватска од 1997 до 1999 година.
Тој ја претставуваше ЕУ во Обединетите нации во Женева, вклучително и како претставник на ЕУ во Советот за човекови права на ОН, а исто така беше и шеф на Делегацијата на ЕУ во Женева.
Специјалните претставници на ЕУ ги промовираат политиките и интересите на ЕУ во одредени региони и земји, како и прашања од особен интерес за ЕУ, и играат активна улога во напорите за консолидирање на реформите, стабилноста и владеењето на правото.
Првите специјални претставници на ЕУ беа назначени во 1996 година.
Во моментов има 11 специјални пратеници на ЕУ кои ја поддржуваат работата на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.