Во текот на спроведувањето на акцијата на влегување во зградата на локалната самоуправа припадниците на полицијата се судрија со демонстрантите од српска националност кои сакаа да спречат нивно влегување. / Photo: AA

Специјалните единици на Полицијата на Косово и понатаму се во зградата на Општина Звечан, а поради силниот дожд, граѓаните Срби моментално се повлекоа во околните улици.

На косовските новинарски екипи им е оневозможено да пријдат поблиску до зградата на општината откако кон нив локалното население од српска националност пукаше од објектите во близина.

На почетокот на улицата во која се наоѓа општинската администрација се припадници на специјалните единици, под комплетна опрема. Можеше да се види дека возилата на полицијата одат низ улицата во правец на зградата на Општината.

Во текот на спроведувањето на акцијата на влегување во зградата на локалната самоуправа припадниците на полицијата се судрија со демонстрантите од српска националност кои сакаа да спречат нивно влегување. Полицијата употреби солзавец за да ги растера.

Во соопштението на полицијата се наведува дека граѓаните биле насилни и дека ја гаѓале полицијата со тврди предмети и шок бомби, при што се повредени пет полицајци кои по укажаната помош се вратиле на задача.

Оштетени се четири полициски возила од кои едно е запалено. Полицијата наведува дека се слушнало пукање од огнено оружје, но не се знае од која локација.

Новите градоначалници на Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, вчера положија официјални заклетви, откако тоа на 19 мај прв го направи градоначалникот за Северна Митровица Ерден Атиќ.

Тие се избрани на локалните избори одржани на 23 април, кои Србите ги бојкотираа.

Вонредните избори требаше да се одржат во декември, но беа одложени за април поради лошата безбедносна ситуација, блокадите на патиштата од страна на Србите и нападите врз службениците на Централната изборна комисија.

Вонредните избори се распишани по напуштањето на сите претставници од Српската листа на косовските институции на северот од Косово во почетокот на ноември минатата година. Тогаш Србите ја напуштија и Косовската полиција и судството. Причина за напуштањето беше одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од старите српски (КМ) таблички на РКС.

Реакција на косовскиот министер Красниќи

По тензиите на северот на Косово, реагираше и министерот за администрација на локалната самоуправа, Елберт Красниќи.

Тој рече дека централните институции имаат обврска да им овозможат на избраните градоначалници да ги исполнат своите обврски.

Красниќи рече дека министерството што го води нуди целосна поддршка во исполнувањето на уставните и законските обврски на градоначалниците на северот на Косово.

Наредба да се крене борбената готовност на Војската на Србија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ по интервенцијата на косовската полиција издаде наредба да се крене борбената готовност на Војската на Србија на највисоко ниво. Вучиќ ја потпиша наредбата за подигнување на готовноста на единиците на Војската на Србија на највисоко ниво и нареди нивно итно движење во правец на границата со Косово.

Соединетите Американски Држави (САД) ја осудија акцијата на косовските институции да влезат во зградата на општините на северот на Косово.

„Денешните насилни мерки би требало да бидат веднаш запрени“, објави американскиот амбасадор во Косово Џеф Ховениер на социјалната мрежа Твитер.


TRT Balkan / агенции
Популарни