Петровска: Бројни придобивки од членството на Северна Македонија во НАТО / Photo: AA

Никој не можеше да ја гарантира безбедноста и стабилноста на Северна Македонија ако не бевме дел од НАТО-алијансата. Ова го истакна македонската минитерка за одбрана Славјанка Петровска во интервју за агенцијата Анадолу (АА).

Поминаа три години откако Северна Македонија на 27 март 2020 година стана 30-тата членка на НАТО. За важноста од овој историски датум во интервјуто говореше министерката Петровска.

Бројни придобивки од членството во НАТО

Одговарајќи на прашањето што е сменето со зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, министерката Петровска наброи повеќе придобивки како за институциите, пред сè Министерството за одбрана и Армијата, така и за бизнис-заедницата.

„Придобивките можеме да ги поделиме на неколку категории. Тоа е она што прво институциите добиваат, добиваат можност да учествуваат во носењето на одлуките во Алијансата, нешто коешто е навистина значајно. Тоа значи зајакнување на сопствените капацитети на институциите, во случајов Министерството за одбрана, меѓутоа исто така учество и на нашата армија рамноправно со сојузниците, односно со сите останати 29 земји членки на Алијансата. Бројни се придобивките и во бизнис-заедницата, работиме на нивно постојано унапредување, на промоција на тие придобивки, и се разбира, на мотивација на компаниите да учествуваат на НАТО-пазарот, кој е најголемиот пазар во светот“, рече министерката Петровска.

Таа истакна дека никој нема да можел да ја гарантира безбедноста и стабилноста на Северна Македонија, доколку земјата не станеше членка на НАТО, особено по почетокот на руската инвазија врз Украина.

„Со самиот факт што сме дел од големиот систем на колективна безбедност, тоа значи дека имаме сигурност дополнителна, односно сме дел од големата алијанса. Ако овој разговор го правевме минатата година, па дури еве и сега, меѓутоа во други околности, ако Република Северна Македонија не беше земја членка на НАТО-алијансата, верувајте дека наративот ќе беше сосема друг и изјавите кои било кој да беше на оваа позиција ќе требаше да ги даде, ќе беа значително поразлични од ова. Никој не можеше да ја гарантира безбедноста и стабилноста на нашата држава ако не бевме дел од НАТО-алијансата“, рече Петровска.

Таа додаде дека патот до пристапувањето на Северна Македонија кон НАТО беше долг и макотрпен, додавајќи дека сега се докажува значењето на тие политички одлуки.

Таа исто така посочи дека НАТО-алијансата не претставува закана за никого, туку претставува придобивка: „Единствено може да ја сметаат за закана само оние со кои не ги делиме истите демократски вредности, а тоа е правото на определување.“

Одговарајќи на прашањето околу т.н. хибридна војна, министерката Петровска истакна дека тоа е современиот начин на војување каде што се користат различни средства за постигнување некоја цел, наместо на класичните конвенционални методи.

Исчекори во модернизација на Армијата

Одговарајќи на прашањето околу активностите што се преземаат за модернизација на Армијата, министерката рече дека модернизацијата е долг процес.

„Во Република Северна Македонија, особено по 2017 година, направени се сериозни исчекори во процесот на планирање, но и во процесот на модернизација на Армијата, особено она што значи имплементација на сите тие планови и ако се направи една споредба за тоа колку изнесувале буџетите на Министерството за одбрана и Армијата, или одбранбениот буџет на државата пред 2017 и потоа, ќе видите дека разликите се значителни“, рече Петровска.

„Ја поддржуваме политиката на отворени врати на НАТО“

Говорејќи за регионалните прашања, министерката Петровска рече дека интересот на Република Северна Македонија е стабилен Западен Балкан и земјите од овој регион да ги продолжат сите интегративни процеси што ги започнале.

Прашана конкретно за проширувањето на НАТО во регионот и идното можно членство на Косово, министерката Петровска одговори:

„Република Северна Македонија има јасна позиција околу проширувањето на НАТО-алијансата, а тоа е дека ја поддржуваме политиката на отворени врати, што значи дека секоја земја која ќе донесе суверена одлука да пристапи во НАТО-алијансата, ние ќе ја поддржиме, сè додека ги исполни условите и критериумите кои се предвидени за тоа“, рече Петровска.

Таа додаде дека руската инвазија врз Украина покажува дека мирот не е даден еднаш за секогаш, туку за тоа сите се обврзани да работат заедно.

„Република Северна Македонија секогаш се залага за стабилност, за мир и за безбедност и нашето дејствување, особено на политичката влада, е во таа насока, во насока на гарантирање на таа регионална безбедност и стабилност. Бевме домаќини на дијалогот помеѓу Косово и Србија. Горди сме на тоа, затоа што даваме позитивен пример за земја којашто преку дијалог, преку решавање на проблемите, секогаш допринесува и се заложува за тоа што е најважно за нас. Го поддржуваме дијалогот помеѓу сите држави, поддржуваме проблемите да се решаваат, не да се продлабочуваат, заради тоа што тоа е единствениот начин на којшто можеме да ги придвижиме нашите држави напред“, рече Петровска.

„Имаме чест да си помагаме и да си подаваме рака“

Говорејќи за односите меѓу Северна Македонија и Туркије, министерката Петровска рече дека меѓу двете земји постои соработка која се продлабочува, и тоа во различни сфери, вклучувајќи ја и одбраната.

„Република Туркије секогаш била позитивна и секогаш била со поддршка кон Република Северна Македонија од самото нејзино осамостојување и тоа е нешто што треба да се цени. И ние како граѓани на оваа држава, меѓутоа и како Влада, исклучително го цениме. Неспорна е соработката која ја имаме, ја продлабочуваме уште повеќе во различни сфери, меѓутоа и во областа на одбраната, со гордост можам да кажам дека имаме исклучително добра соработка. Тоа е одраз и на нашата соработка генерално, на политичко ниво, меѓутоа очигледна е и соработката или симпатиите кои народите во двете држави ги имаат. Имаме добри односи, така ќе продолжиме и во иднина“, нагласи Петровска.

Министерката за одбрана на Северна Македонија рече дека земјите членки на НАТО имаат чест, а не само обврска, да си помагаат меѓусебно. Според неа, помошта испратена до Туркије по катастрофалниот земјотрес од 6 февруари е одраз на сојузништвото и пријателството.

„Тоа е пред сè одраз на нашите пријателски односи помеѓу двете држави, како што и пред малку кажав, меѓутоа да, и како НАТО-членки. Двете држави се НАТО-членки, и имаме некаков вид на, не би рекла обврска, меѓутоа чест секогаш да си помагаме и да си подаваме рака. Оние сили кои ние ги испративме можеби во споредба со капацитетите на другите армии или другите земји не се големи, но навистина одговоривме согласно нашите можности и согласно она што ни беше расположливо. Пораката којашто сакавме да ја испратиме е дека си подаваме рака и тогаш кога ни е најпотребно, заради тоа што на таков начин продолжуваме да ги гаиме исклучително добрите односи помеѓу двете држави. Веднаш по враќањето на двата тима спасувачи од Армијата, ја имавме таа чест и амбасадорот на Република Туркије во Република Северна Македонија да се обрати, да им се заблагодари од името на народот на Република Туркије за нивната работа“, рече Петровска.

AA
Популарни