Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска, по повод 4 Април- Денот на НАТО се обрати до граѓаните со видео порака.
„Денес, на 4 април, одбележуваме важен момент во историјата на меѓународната безбедност и одбрана - Денот на формирањето на Северноатлантската алијанса. Пред 75 години, нациите основачи на НАТО ја поставија основата за организација што ќе стане камен-темелник на колективната безбедност и демократските вредности ширум светот. Во годината во која Северна Македонија одбележува 4 години членство во НАТО, а со сојузниците во Алијансата одбележуваме 75 години од нејзиното основање, можеме да кажеме дека ги имаме сите предиспозиции да бидеме силен гарант на нашата независност и сувереност“, вели министерката Петровска.
Тоа е, додава таа, успехот на нашата генерација, но во тој успех се вградија и сите оние кои пред нас нè водеа кон истата цел- држава чија безбедност и стабилност е гарантирана и однатре, но и од нашите сојузници.
„Како министерка за одбрана, чувствувам голема чест и одговорност што ја предводам одбраната во овие времиња кога соработката и колективната одбрана се поважни од кога било. Нашата интеграција во НАТО не е само потврда за нашата посветеност кон мирот и стабилноста, туку и сведоштво за нашата подготвеност да придонесуваме кон глобалната безбедност“, вели Петровска.
Нагласува дека делиме иста цел и вредности со сојузниците во Алијансата.
„Имаме иста цел и заедничка мисија со сојузниците. Имаме исти вредности. Безбедност, стабилност, мир, солидарност и меѓусебна поддршка. Заедно, ние сме посилни и подобро подготвени да се соочиме со предизвиците што нè очекуваат. Само преку колективната одбрана и соработка можеме да градиме постојан и траен мир. Нека ни е честит денот на сојузничкото единство, нека ни е честит Денот на НАТО!,“ посочува министерката за одбрана Петровска во видео пораката.