Словенечката претседателка Пирц-Мусар повика на дијалог меѓу Белград и Приштина / Photo: AA

Ниту една ноќ не можам да спијам бидејќи знам што се случува ноќе на северот на Косово. Буквално сè врие, децата на возраст од 12, 13 и 14 години се подготвени да загинат, и тоа мора да го спречиме, сити се од Албин Курти и сите можни лаги, изјави денеска во Белград српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ на прес-конференција по средбата со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека српските деца на возраст од 12 години во Лепосавиќ ги бркале автомобилите на косовските безбедносни сили ноќта меѓу средата и четвртокот. Тој нагласи дека никој повеќе не сака да ги трпи косовските сили на редот, ниту нивниот терор.

„Тоа е ужасно тешка ситуација за нас, ние се обидуваме да го зачуваме мирот по секоја цена, но имаме работа со луѓе кои не сакаат мир по секоја цена. Мораме да се бориме и да се потпреме на здравиот разум. Се надевам дека Европската Унија и САД ќе имаат доволно сила да расудуваат со оние кои се однесуваат нерационално“, изјави Вучиќ.

Говорејќи за апсењето на тројцата гранични полицајци, припадници на Полицијата на Косово, што се случи во средата, а за кои Приштина тврди дека биле киднапирани од територијата на Косово, Вучиќ рече дека и самиот косовски премиер Албин Курти „признал дека уапсените ги прекршиле сите норми на меѓународното право.“

Вучиќ потсети дека Курти рекол дека уапсените биле во Косово, на 300 метри од административната линија меѓу Србија и Косово, и нагласил дека припадниците на Полицијата на Косово немаат право и не смеат да бидат таму според Воено-техничкиот договор, бидејќи кога сакаат да се приближат на километар од административната линија, тие мора да го пријават тоа во КФОР 36 часа однапред.

Тој оцени дека во прашање била „рутинска работа“ на српските агенции за спроведување на законот и истакна дека досега не се случило припадници на Вооружените сили на Србија или на српската полиција да ја преминат административната линија „бидејќи за тоа имаат директна наредба“.

Пирц Мусар: Односнот Белград-Приштина искучително значаен за целиот регион

Зборувајќи за протестите на кои се бара одговорност за ерупцијата на говор на омраза претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, апелираше да се почитува законот и сите заедно да работат за владеење на правото. Таа истакна дека во овие тешки моменти за Белград и Приштина, дијалогот е единствениот вистински пат до решение и смирување на ситуацијата.

„Несомнено би сакала што поскоро да се имплементира договорот за формирање Заедница на српските општини на Косово. Тоа е договорено уште во 2013 година и не гледам причина зошто да не се спроведе. За дијалог се потребни двете страни и Косово мора да го направи своето. Не сакаме конфликти во регионот на Западен Балкан“, изјави Пирц Мусар.

Словенечката претседателка рече дека односот на Белград и Приштина е исклучително значаен за целиот регион „кој ќе мора да покаже колку сите заедно сме зрели за да напнатоста се смири.“

TRT Balkan / агенции
Популарни