Лидерите од Западен Балкан во Тирана се обврзаа да започнат структуриран дијалог со цел спроведување на Планот за раст, на начин којшто ќе го поттикне регионалниот просперитет и социо-економското приближување кон ЕУ / Photo: AA

Земјите од Западен Балкан наместо датум за прием од ЕУ добија План за раст, со кој Брисел предложи Фонд за реформи и раст од 6 милијарди евра за земјите кандидатки, пари кои треба да им помогнат да ги исполнат условите за пристапување во Унијата. Сепак, Европскиот суд на ревизори (ЕЦА) сугерира дека овие дополнителни пари на ЕУ треба подобро да се заштитат.

На 8 ноември, Европската комисија го усвои Планот за раст на Западен Балкан, со кој на земјите од регионот им се дава можност да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки, со цел да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција.

Воведување построги услови за финансирање

Планот за раст од лидерите на Западен Балкан беше поздравен како одлична можност за пристап до европскиот единствен пазар, како и алатка за забрзан напредок во процесот на пристапување и исклучително значаен за економскиот развој на регионот.

Сепак, во мислењето објавено пред две недели, Европскиот суд на ревизори (ЕЦА) сугерира дека овие дополнителни пари на ЕУ треба подобро да се заштитат.

„Економската конвергенција меѓу шесте земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) и ЕУ се сметаше за недоволна многу години. Како одговор, во ноември минатата година, Европската комисија предложи воспоставување на специфичен финансиски инструмент, Фонд за реформи и раст за Западен Балкан, како дел од новиот план за раст на регионот. Фондот има за цел да го поттикне економскиот раст, да ја зголеми социо-економската конвергенција со земјите од ЕУ и да го забрза усогласувањето со вредностите и законите на ЕУ со поглед на идното пристапување во ЕУ“, велат од ЕЦА.

Ревизорите на ЕУ го поздравуваат воведувањето построги услови за финансирање со поврзување на плаќањата со исполнувањето на условите што треба да бидат поставени во реформските агенди за различните земји.

Слаб административен капацитет на регионот

„Меѓутоа, постои ризик дека условите за исплата не се доволно амбициозни и дека индикаторите не се доволно јасни и мерливи. Исто така, останува тешко да се осигура дека реформите ќе бидат одржливи, особено со оглед на слабиот административен капацитет на регионот“, изјави Лаима Лиучија Андрикиена, членка на ЕЦА задолжена за мислењето.

„Покрај тоа, Европската комисија не само што треба да прави опсервации, туку треба и да може да бара од владите на Западен Балкан соодветно да ги прегледаат и изменат нивните реформски агенди“, вели Андрикиена.

Ревизорите на ЕУ, исто така, предлагаат да се развијат релевантни упатства за оценување на задоволително исполнување на условите за плаќање пропишани во реформските агенди.

Поддршка до 6 милијарди евра, 2 милијарди евра неповратна поддршка и 4 милијарди евра заеми, е предвидена за периодот 2024-2027 година.

Имајќи предвид дека преку 14 милијарди евра веќе се ставени на располагање на претпристапните земји, вклучувајќи ја и Туркије во тековниот буџет на ЕУ, ревизорите нагласуваат дека износите што треба да се обезбедат преку овој објект претставуваат значително зголемување од над 40% во предвидените средства за земјите од Западен Балкан до 2027 година.

Сепак, во отсуство на проценка на влијанието или аналитички документ, ревизорите на ЕУ не беа во можност да го проценат степенот до кој планираните 6 милијарди евра поддршка веројатно ќе придонесат за постигнување на главните цели на објектот.

Предлогот на ревизорите е контрапродуктивен

На крајот, ревизорите предлагаат да се разјаснат одредени одредби од предлогот кои се однесуваат на ревизорските права на Европскиот суд на ревизори и пристапот до податоците и документацијата со цел да се обезбеди правилен надзор.

Проф. д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во коментар за ТРТ Балкан оцени дека предлогот на ревизорите е контрапродуктивен и би ја намалил веќе малата поддршка која ЕУ ја дава на регионот, а нема да доведе до реформи.

„За да може да биде ефективен овој пристап на „морков и стап“ кој ЕУ сега го форсира за регионот, мора „морковот“, односно финансиската поддршка за регионот да биде голема. Тоа сега апсолутно не е случај. Целиот Западен Балкан, кој има население од 18 милиони жители, би добил во најдобар случај неповратна помош од 2 милијарди евра. Во истото време, Хрватска, која има население од 4,5 милиони жители, добива неповратна поддршка од ЕУ преку РРФ пакетот од повеќе од 6 милијарди. Тоа е 12 пати повеќе по глава на жител од Западен Балкан“, изјави професорот.

Според него, кога „морковот“ е волку мал, поголем „стап“ во вид на поголема контрола и построги критериуми нема да ги натера политичарите да ги направат непопуларните реформи, затоа што наградата е просто премала, а цената што тие би ја платиле е висока.

„Единствено што ќе постигне поголемиот „стап“ е што ќе ја намали финансиската поддршка за регионот, со што практично ќе направи штета.Затоа, за да функционира овој пристап, мора наградата за Западен Балкан да биде многу поголема. Еден начин на кој ова може да се постигне е ако регионот целосно се вклучи во ЕУ буџетот, или барем во РРФ пакетот“, изјави Јовановиќ.

Четирите основни столба на кој ќе се базира Планот за раст се подобрување на економската интеграција на земјите од регионот со единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на економската интеграција на државите од регионот во заеднички регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите преку Фондот за реформи и раст за Западниот Балкан, како нов инструмент за спроведување на основните и социо-економските реформи.

Со неговата реализација бруто-домашниот производ од просечните 6.000 евра по глава на жител во регионот треба да се удвои на просечни 12.000 евра по глава на жител во следните 10 години.

TRT Balkan
Популарни