Пленковиќ и Вучиќ се состанаа во Давос /  Фото: Твитер профил на Андреј Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ во Давос и нагласи дека се неопходни дополнителни напори за решавање на отворените прашања помеѓу двете соседни земји.

„Во текот на Светскиот економски форум во Давос разговарав со претседателот на Србија Александар Вучиќ за билатералните односи и европскиот пат на земјите во соседството“, објави Пленковиќ на Твитер.

„Со политиката на дијалог и смирување на тензиите, потребно е да се вложат додатни напори во решавањето на отворените прашања“, нагласи Пленковиќ.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека имал многу коректен разговор со Пленковиќ за српско-хрватските односи на маргините на форумот во Давос и изрази уверување дека во наредниот период ќе дојде до напредок на планот на економијата, но и политичките односи на двете земји.

„Многу коректен разговор со Андреј Пленковиќ за српско-хрватските односи. Верувам дека во периодот кој е пред нас ќе успееме да оствариме напредок, како на планот на економијата, така и во врска со прашањето на политичките односи“, објави Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм.

Пленковиќ и Вучиќ пред заедничкиот состанок учествуваа на состанокот насловен „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“.

TRT Balkan / агенции
Популарни