Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска, по повод најавата дека САД ќе воведат санкции за НИС (Нафтена индустрија на Србија) поради руската сопственост, изјави дека во Брисел разговарале за соработката меѓу ЈАНАФ (Јадрански нафтовод) и НИС.
Пленковиќ истакна дека мора да се најде решение кое е одржливо и за ЈАНАФ и за енергетската политика и економија на Србија, како и дека Србија нема да остане без нафта поради Хрватска.
„Мислам дека никому не е во интерес никој, па ни Србија, да остане без нафта, а Хрватска сигурно нема да биде таа што ќе биде предводник на таквата политика“, изјави Пленковиќ на новинарите во Брисел, каде за тоа разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој рече дека разговарале за соработката меѓу ЈАНАФ и НИС, имајќи предвид дека Србија практично целата своја нафта ја добива преку Јадранскиот нафтовод, од Омишаљ до рафинеријата во Панчево.
„Тука треба да најдеме решение кое е одржливо и што е добро за JАНАФ и за енергетската политика и економија на Србија. Тоа е она што, би рекол, сите добро го разбравме“, рече Пленковиќ.
Тој потенцираше дека Србија нема да остане без нафта поради Хрватска, како и дека Хрватска не е таа што на кој било начин, како што рече, на никого, во случајов Србија, која во однос на снабдувањето од тој правец е практично 95 отсто зависна од Хрватска, го спречува снабдувањето.
Пленковиќ истакна дека бродовите што се спуштаат по Дунав од Црното Море можат да превезуваат само мали количини, недоволно за функционирање.
„Хрватска има своја енергетска инфраструктура, затоа конечно го имаме тој терминал во Омишљ, затоа е Јадранскиот нафтовод, затоа има терминал за ЛНГ, затоа инвестираме во гасоводи, за да ја искористиме нашата геостратешка положба за нашата сопствена енергетска безбедност, но и за можноста соседните земји да имаат и диверзифицирано снабдување со енергија“, рече Пленковиќ.