Пленковиќ порача дека СДП ќе изгуби по трет пат / Photo: AA Archive

Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ денеска изјави дека денешниот потег на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да се кандидира за премиер покажува дека конечно паднале маските, а ХДЗ ќе му покаже дека СДП ќе загуби по трет пат.

На свеченоста по повод годишнината од ХДЗ Осијечко-барањската жупанија, Пленковиќ истакна дека датумот што Милановиќ го избра за парламентарните избори, 17 април, е и Светски ден на циркусот.

„Ова е важно и при изборот, да се знае што се планира да се постигне. За да биде малку посилна циркуската атмосфера додека се возевме кон Осиек, слушнавме дека Милановиќ решил да оди на избори со СДП како независен кандидат, но сепак да се зачува функцијата претседател на државата, па што ќе се случи. Имавме скриен лидер на опозицијата до денес, а сега имаме мал калкулаторски претседател и мал кандидат кој мисли дека нема да изгуби како што изгуби во 2016 година и ќе му покажеме дека тој и СДП ќе загубат по трет пат”, рече Пленковиќ и запраша дали е ова влијание врз демократските процеси и Република Хрватска да излезе од западната заедница.

Пленковиќ додаде дека првата порака е дека опозицијата е слаба, дека СДП е слаба, никогаш послаба, дури и според анкетите кои порано ги фаворизирале. Втората порака, продолжи Пленковиќ, е од Државното обвинителство на Хрватска (ДОРХ). За третата порака, Пленковиќ вели дека се надева дека не е пресудна.

„Токму кога се одржуваат избори во Русија зарем ова не е можеби и обид да се извлече Хрватска од западната заедница, ЕУ, НАТО, партнерството со САД, да ја врати или да ја испрати во прегратките на Русија? Ова е мешање во демократските процеси во Хрватска, ако е, нема да дозволиме“, додаде хрватскиот премиер.

Милановиќ претходно денеска на социјалната мрежа Фејсбук им се обрати на граѓаните и порача дека по изборната победа на парламентарните избори, во која изјави дека е уверен, ќе се повлече од функцијата претседател на Републиката.

Тој им порача на граѓаните дека одлучил да се кандидира како независен и непартиски кандидат на листата на СДП на изборите за хрватскиот Сабор што ќе се одржат во среда на 17 април.

Актуелниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, на претстојните парламентарни избори ќе биде носител на изборната листа на Социјалдемократската партија (СДП) во првата изборна единица.

TRT Balkan / агенции
Популарни