Претседателот на Владата и Претседател на Националниот совет за дигитална трансформација, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, го одржаа првиот состанок на секторската работна група за изработка на Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој- Националната ИКТ Стратегија.
Премиерот посочи дека Националната ИКТ стратегија е клучниот документ кој ќе ги води сите наши напори и активности во однос на дигиталната трансформација, според кој ќе се мерат напредокот и достигнувањата на ова поле.
„Неопходно е да чекориме во ист ритам во свет кој напредува со огромна брзина, а пристапот до дигиталните технологии и нивно подведување во функција и интерес на човекот и нивното правилно искористување отвора нови хоризонти и перспективи за сите. Важно е да се разбере дека дигитализацијата не претставува една, монолитна работа, туку опфаќа низа комплексни, меѓусебно поврзани и комплементарни чекори. За да чекориме по вистински пат важно е да се знае од каде поаѓаме, како и каде се движиме. Внимателен, сеопфатен, стручен и структуриран пристап е клучен предуслов за дигитална трансформација и последователно, општествен развој во согласност со светските текови“, изјави премиерот.
Според него, токму во таа насока беше и воспоставувањето на ново, наменско Министерство за дигитална трансформација кое е носител на дигиталните политики на Владата и кое работи на креирање на сеопфатни хоризонтални решенија и платформи.
„Создаваме систем во кој секој ќе добие можност да се вклучи, систем кој ќе го трасира патот кон рамномерна корист на сите, со оптимизирани ресурси, без преклопување на активности и проекти. Јас на дигитализацијата гледам како на клучна алатка во борбата против корупцијата, бидејќи автоматизацијата на процесите помага во намалувањето на надворешно влијание и субјективност. Кога од една страна секојдневниот живот е технолошки олеснет, кога продуктивноста, конкурентноста, иновациите се стимулираат и оптимизираат“, рече Мицкоски.
За министерот Андоновски, оваа стратегија ќе ги постави темелите на дигиталната трансформација во Македонија.
„Целта е да се дефинираат активностите на институциите и Владата за дигиталната трансформација на државата. Седум години нема стратешки документ по кој може да се постапува. Затоа Стратегијата ќе биде најголемиот и најкомплексниот стратешки документ во областа на дигиталната трансформација на кој ќе работат преку 50 експерти во областа. Ова е многу важен документ затоа што ќе ги исцрта активностите во наредните 4 години и ќе ја постави визијата и на министерството и на Владата за процесот на дигиталната трансформација. Таа ќе биде поврзана со клучните документи на ЕУ, особено агендата 2030 за дигитална трансформација, но и со други стратешки документи кои се од значење на државата“, рече министерот.
Андоновски ја нагласи важноста на овој чекор за иднината на земјата.
„Со оваа стратегија, ние не само што ќе ја зајакнеме конкурентноста на Македонија, туку и ќе создадеме дигитален екосистем кој ќе го подобри животот на секој наш граѓанин“.
Се очекува финалната верзија на Националната ИКТ Стратегија да биде предложена на Националниот Совет и Владата во наредните месеци, по што ќе следи нејзино усвојување и имплементација.
Овој чекор се смета за клучен во процесот на модернизација на државата и нејзиното приближување кон европските дигитални стандарди.