Во македонското Собрание денеска почнува дебатата за уставните измени. Предлогот за пристапување кон измени на Уставот на Република Северна Македонија го достави Владата. Владиниот предлог ќе го образложи премиерот Димитар Ковачевски кој ќе се обрати на седницата. Расправата според собранискиот Деловник може да трае најмногу десет работни дена. Во тој случај би завршила на 31 август.
Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратенилка група вкупно 30 минути. Претставник на предлагачот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути. Одлуката пристапување кон уставни измени ќе биде донесена ако за неа гласа двотретинско мнозинство пратеници односно таа се носи со мнозинство од 80 гласови.
Власта и опозицијата со поделени ставови
Власта силно се залага за уставните измени да бидат изгласани. Владеачкиот СДСМ е со став дека тие се неопходни за европската интеграција на земјата и дека во спротивно доколку не бидат изгласани државата ќе биде изолирана. Во владиното соопштение се вели дека „денеска ќе стане јасно кој навистина сака државата да стане просперитетна држава, земја-членка на ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните.“
Премиерот Димитар Ковачевски очекува поддршка од народните избраници.
„Пред нас се храбри и тешки одлуки. Сите 120 пратеници треба да покажат државничко однесување, да бидат на ниво на задачата и да донесат одлука со која ќе се овозможи подобра иднина, за идните генерации, за нас, за нашите деца”, порача Ковачевски.
Со слични пораки се огласија и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи.
Според Маричиќ сега е моментот да се покаже дека навистина има воља за остварување на целта полноправно членство во ЕУ.
Шефот на македонската дипломатија преку писмо им се обрати на пратениците велејќи им дека од нив зависи дали државата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ или ќе запре на долг рок.
Опозицијата пак се спротивставува со став дека не прифаќа, како што вели, уставни измени под бугарски диктат и смета дека излез од политичката ситуација се предвремени парламентарни избори. Без поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ власта го нема потребното двотретинско мнозинство.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека дури и да бидат Бугарите дел од Преамбулата на Уставот и да се добијат гаранции за македонскиот идентитет, сепак Протоколот и Билатералниот договор со Бугарија се опасност за дополнително вето во иднина.
„Во протоколот кој го потпиша Бујар Османи има идентитетски интервенционизам. Никогаш бугарските политичари немале проблем со современата дефиниција за македонскиот народ од 1945. Ние дискутираме што било претходно. Ако не сме загрижени дека ќе се смени нашиот идентитет, да го тргнеме билатералниот договор од преговарачката рамка”, изјави Мцкоски.
Што содржат уставните измени?
Интервенциите во Уставот, како што посочија од Владата, се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
Измените на Уставот се дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската унија. Ова уследи откако францускиот предлог за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија беше ратификуван во македонското и бугарското Собрание.
Според преговарачката рамка, Северна Македонија до крајот на ноември, кога завршува скринингот треба да ги донесе уставните измени, по што треба да се одржи втората меѓувладина седница. Доколку тоа не се случи има предупредувања дека процесот за преговори со ЕУ би можел да запре.