Со тага и солзи во очите семејствата, пријателите и роднините се простија од 16 бошњачки цивили жртви од војната во Босна и Херцеговина.
Најмладата жртва погребана денес е Самед (Хасо) Јакуповиќ, кој имал само 19 години кога е убиен. Тој исчезнал на подрачјето на Козарац во јуни 1992 година, а неговите посмртни остатоци ексхумирани се на локалитетот Сивци во 1998 година.
Највозрасна жртва која денес е погребана е Едхем (Абид) Калтак. Тој имал 65 години во моментот кога е убиен. Исчезнал во 1993 година во местото Горња Пухарска, а неговите посмртни остатоци се ексхумирани на гробиштата Череци во 2022 година.
Санела Жериќ денес се прости од Фикрет кој е убиен во 1992 година на подрачјето на Приједор, северозападна Босна и Херцеговина. Неговите посмртни остатоци се пронајдени на локалитетот на гробницата Ризвановиќи-Школа.
„Тешко е, ненормално е тешко. Јас не се сеќавам на него. Имав шест години. Убиен е во близна на училиште во Ризвановиќи“, раскажа Санела.
Таа рече дека сепак е мало олеснување кога знае каде е погребан, за да може да го посети неговиот гроб.
„Полесно ми е кога знам дека е погребан. Само да знам каде е, да има гроб, да го посетам“, рече Санела.
Кадира Арифагиќ се прости од роднината Муамер Куленовиќ чии посмртни остатоци се пронајдени на локалитетот Просара-Бијаковац.
„Убиен е на 27 јуни во 1992 година. Имаше 29 години и два дена кога е убиен. Беше во групата која се обиде да пројде преку Козаре за Хрватска“, раскажа Кадира.
Во Меморијалниот центар Камичани во Козарац кај Приједер се одржа погребната молитва (џеназе намаз) за 16 бошњачки цивилни жртви убиени пред 30 години на подрачјето на Приједор, од српските агресорски единици. Нивните посмртни остатоци пронајдени се на десет различни локации.
Молитвата ја предводеше претседателот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, реис-ул-улема Хусеин Кавазовиќ.
Во Приједор во деведесеттите години убиени се 3.176 цивили од несрпска националност. Досега се пронајдени посмртни остатоци на околу 2.500 жители на Приједлор, а се трага за околу 620 жртви.
Убиените Бошњаци се фрлани во поединечни, заеднички и масовни гробници. Досега посмртните остатоци на жители на Приједор, пронајдени се на 501 локација, во 72 масовни гробници (примарни и секундарни) на подрачје на десет општини и три држави - Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија