Полициска акција досега поминала без проблеми и инциденти / Photo: Reuters

Косовската полиција денеска го затвори трезорот на Поштенската штедилница на Србија и нејзините пет други филијали, кои незаконски работеа во оваа област на Косово, во четири општини на северот на Косово.

Како што соопшти косовската полиција, по овластување на надлежен обвинител затворени се шест единици на таканаречената нелегална Поштенска штедилница на северот на земјата.

„Косовската полиција, според извештаите на институциите за финансиски надзор, како Управата за финансиско разузнавање и Централната банка на Косово, заедно со Даночната управа на Косово, по овластување на надлежен обвинител, спроведува полициска акција на шест локации од четири општини на северот на Косово, а тоа се т.н Трезорот на Поштанска Штединица и нејзините пет други филијали, кои незаконски работеа во оваа област на Република Косово“, наведуваат од косовската полиција.

Се додава дека оваа полициска акција досега помина без проблеми и инциденти.

На 12 мај на Косово истече преодниот период за спроведување на Регулативата на Централната банка на Косово, според која еврото е единствена валута за платежни трансакции, со што српскиот динар беше исклучен од употреба во Косово.

Главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, потоа повторно се сретнаа во Брисел на 15 мај, но не успеаја да најдат компромисно решение за користењето на српскиот динар на Косово.

Тоа беше нивен седми состанок за изнаоѓање одржливо привремено решение за луѓето кои се најпогодени од Регулативата за готовинско работење на Централната банка на Косово.

Портпаролот на Европската унија, Петер Стано, по тој состанок објави дека ЕУ дала предлог за формирање на нов деловен субјект според косовскиот закон, кој ќе има задача привремено да дели финансиска помош од Србија, но страните не можеле се согласуваат за неколку клучни прашања, „вклучувајќи го вкупниот обем на активности на новиот ентитет, обемот на корисници на овој ентитет и финансиската помош на Србија за институциите во Косово поддржани од Србија“.

„Европската унија, како олеснувач, останува подготвена да свика уште еден состанок на оваа тема штом страните покажат подготвеност да најдат заемно прифатливо решение“, се заклучува во соопштението.

Регулативата на ЦБК за еврото како единствена платежна валута во Косово стапи на сила на 1 февруари 2024 година.

Од крајот на војната во 1999 година, Државата Србија на српското население му плаќа плати, пензии, социјални надоместоци, детски додатоци и други исплати во динари, главно преку Пошта Србија, која има филијали на Косово, но не е лиценцирани од косовските власти.

AA
Популарни