За една деценија бројот на жители во Хрватска се намалил за над 400.000, покажуваат резултатите од хрватскиот Државен завод за статистика за пописот спроведен лани. ДЗС на Хрватска објави нов сет на податоци кои се однесуваат на религијата на населението опфатено со пописот.
Според податоците, Хрватска има 3.871.833 жители, од кои 1.865.129 се мажи (48,17 отсто) и 2.006.704 се жени (51,83 отсто). Споредено со пописот од 2011 година, бројот на жители е намален за 413.056 лица или за 9,64 отсто.
Вкупниот број на жители се намалил во сите окрузи, а најголемо релативно намалување на бројот на жители имало во Вуковарско-сремската жупанија (20,28 отсто).
Учеството на населението на возраст од 0 до 14 години е 14,27 отсто, а на населението на возраст од 65 и повеќе години е 22,45 отсто.
Според националната структура во Хрватска, бројот на Хрватите е зголемен, а бројот на Србите е намален, додека бројот на верници, вклучително и католици и православни, е намален, а бројот на атеисти е зголемен, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според верската припадност, во 2021 година имало 78,97 отсто католици, а пред десет години 86,28 отсто, 3,32 отсто православни наспроти претходните 4,44 отсто. Муслиманите се 1,32 отсто во однос на претходните 1,47 отсто.
Бројот на луѓе кои не се верници и атеисти е 4,71 отсто, додека 1,72 отсто од луѓето не сакале да одговорат на прашањето за религијата. Според претходниот попис на населението, атеистите биле 3,81 отсто, додека 2,17 отсто од луѓето не сакале да се изјаснат на прашањето за религијата.
Резултатите покажуваат дека учеството на Хрватите во националната структура на населението е 91,63 отсто, Србите 3,20 отсто, Бошњаците 0,62 отсто, Ромите 0,46 отсто, Италијанците 0,36 отсто и Албанците 0,36 отсто, додека учеството на другите членови на националните малцинства е поединечно помалку од 0,30 отсто.
Според мајчиниот јазик, 95,25 отсто од луѓето изјавиле дека нивниот мајчин јазик е хрватскиот, а 1,16 отсто од луѓето се изјасниле дека нивниот мајчин јазик е српскиот. Уделот на лица со друг мајчин јазик е поединечно помал од 1 отсто.
Од вкупното население на Република Хрватска, 99,24 отсто имаат хрватско државјанство, додека 0,74 отсто или 28.784 се странски државјани.