Попис: Во Србија речиси 500.000 помалку жители од 2011 година

Попис: Во Србија речиси 500.000 помалку жители од 2011 година

Во однос на пописот во 2011 година, вкупната бројка на жители e намалена за 6,9 отсто.
Во однос на пописот од 2011 година, вкупниот број на жители во Србија е намален за 495.975 или за 6,9 отсто. / Photo: (AA)

Според првите резултати од пописот на населението, домаќинствата и становите во 2022 година, во Република Србија живеат 6.690.887 жители. Во однос на пописот од 2011 година, вкупниот број на жители е намален за 495.975 или за 6,9 отсто.

„Намалување на бројот на жители е забележано во сите региони (близу 10 отсто), освен во белградскиот регион, каде што бројот на жители е зголемен за околу 1,6 отсто“, покажуваат податоците на Заводот за статистика на Република Србија, кој ги објави првите резултати од пописот.

Со пописот во 2022 година, собрани се податоци за 2.520.854 домаќинства и 3.628.175 станови.

„Не е забележана значителна промена во вкупниот број на домаќинства (зголемување од 1,33 отсто), додека вкупниот број на станови е зголемен за 12,26 отсто во однос на пописот од 2011 година. Најголем пораст на бројот на станови е забележан во белградскиот регион (18,55 проценти)“, покажуваат резултатите од пописот.

Од Државниот завод за статистика на Србија потсетуваат дека пописот е спроведен од 1 до 31 октомври 2022 година. Во неколку поголеми градови теренското собирање податоци е продолжено до 7 ноември.

Исто така на граѓаните кои од било кои причини не се попишани овозможено им е телефонско попишување до 17 ноември 2022 година.

„Со оглед на целта на пописот на населението-да обезбеди сеопфатна слика на целата популација - во согласност со позитивната меѓународна пракса, базата на податоци добиена со директно попишување дополнета е со податоците од административните евиденции“, наведуваат од Заводот и додаваат дека пописот не е спроведен на територијата на Косово. Првите резултати од Пописот содржат основни податоци за вкупниот број на попишани лица, број на жители, домаќинства и станови, според состојбата од 30 септември 2022 година.

Конечните резултати од пописот ќе бидат објавувани сукцесивно, и тоа од април 2023 до јуни 2024 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни