Курти: Оптимист сум дека во Охрид ќе биде постигнат договор / Photo: AA

Премиерот на Косово Албин Курти изјави дека за планот за имплементација на европскиот предлог веројатно не би требало да се разговара само во Охрид.

Тој, меѓутоа, изрази оптимизам дека договорот ќе биде постигнат на состанокот на 18 март, но нагласи дека тоа не зависи само од него.

„Го знаеме ставот на Србија, но морам да се осврнам на она што се договоривме… За планот на имплементација мора да се преговара во Охрид, а можеби и не само во Охрид… Оптимист сум, но сега дали ќе има успех или неуспех, добро знаете дека тоа не зависи само од мене. Сакав да го потпишам европскиот предлог на 27 февруари во Брисел, но другата страна не беше ниту спремна ниту заинтересирана. Ако имаше неуспех, никогаш не бев јас виновен бидејќи јас бев посветен, конструктивен и креативен“, рече Курти.

Курти истакна дека на состаноците кои ги имал со српската страна секогаш бил посветен. Тој нагласи дека Србија се фокусира на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, но тоа е само дел од 39-те договори постигнати во Брисел.

„Се согласивме околу европскиот предлог, со француско-германската иницијатива која ја поддржуваат САД и Италија, а во преамбулата има пет реченици, има вкупно 11 членови, ајде да разговараме за планот на имплементација… Јасно ми е дека Србија многу го турка прашањето на Асоцијацијата на општини со српско мнозинство или Заедница како што поинаку ја нарекувавме, тоа е во членот 10, еден од 33 договори, всушност кога неодамна погледнав, заедно со заклучоците кои се составени во Брисел, излегува дека од 2 јули 2011 година до 25 август 2015 година има вкупно 39 договори, а Заедницата на општини со српско мнозинство ги сочинува првите 6 точки од договорот од 15 точки, односно 16 од 39“, нагласи Курти.

На 18 март во Охрид премиерот на Косово Албин Курти ќе се состане со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во последните денови во Косово и Србија престојуваше специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Косово-Србија Мирослав Лајчак за да разговара за примена на планот од европскиот предлог.

TRT Balkan / агенции
Популарни