Во јужните делови на Хрватска се укинуваат вонредните мерки за заштита од поплави, а во следните три дена критично ќе биде на подрачјето на Сисак, Петриње и Јасеновац, соопштено е на седницата на Владата на Република Хрватска.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во воведното обраќање на седницата на Владата се осврна на рекордните водостои низ Хрватска поради обилните врнежи од дожд, поплавите и излевањето на реките од своите корита.
Пленковиќ истакна дека се направени напори да им се помогне на жителите од загрозените подрачја.
„Важно е да нема жртви во овие големи поплави, кои во многу ситуации се незабележани рекорди на водостојот на некои реки“, рече Пленковиќ.
Потсети дека во соседна Италија животот го загубија 13 лица, дека поради поплавите се евакуирани околу 20.000 луѓе и порача дека ваквите екстремни врнежи се показател за сè поинтензивните климатски промени што ги погодуваат и Европа и светот.
„Во текот на изминатите десет дена, поради екстремните врнежи дојде до пораст на водостојот на речиси сите водотеци на подрачјето на Хрватска, а во моментов на повеќе од 20 водотеци се спроведуваат активни мерки за заштита од поплави“, извести потпретседателот на Владата и министер за хрватските бранители, Томо Медвед.
Вонредните мерки за одбрана од поплави се прогласени во понеделникот, 15 мај, на подрачјето на Сисачко-мославинската жупанија поради опасност од излевање на реките Сава, Купа и Уна. Покрај редовните служби, на терен се 500 припадници на хрватската војска околу Хрватска Костајница, Петриње и Сисак.
„Хрватска Костајница е заштитена со бокс-бариери и насипи, со што е спречено поплавување на градот и поголеми штети“, рече Медвед.
Оперативните сили и служби континуирано се на терен, се испумпува вода, се полнат вреќи со песок и се дистрибуираат до загрозените подрачја, и се градат насипи.
„Од поплави е заштитен и градот Карловац“, рече Медвед, и додаде дека во овој град и во Хрватска Костајница е потребно интензивно да се работи на изградба на трајни системи за заштита од поплави.
Од 14 до 18 мај во мерките за одбрана од поплави само на подрачјето на Сисачко-мославинската и Карловачката жупанија учествувале над 2.000 лица.
Генералниот директор на „Хрватски води“, Зоран Ѓуроковиќ, извести дека денеска нивото на водостојот на реката Отуча кај Грачац е намалено за 1,5 метар, додека на Зрмања во Обровац за 1 метар, и дека силите за одбрана од поплави треба да се пренасочат кон континенталниот дел на земјата.
„Водостојот на Уна во Хрватска Костајница падна за повеќе од половина метар, укинати се вонредните мерки. Корана и Купа ќе се спуштат на 1 метар во текот на денот“, оцени Ѓуроковиќ, и најави укинување на вонредната состојба и повлекување на припадниците на хрватската војска од ова подрачје.
„Сета ефективна сила треба да се пренасочи во подрачјата на Сисак, Петриње и Јасеновац, бидејќи следните два до три дена се критични“, рече Ѓуроковиќ.