Осомничените се товарат дека го оштетиле буџетот на акционерското друштво за 501.319.119 денари / Photo:  МВР на РСМ

Против поранешен премиер, вицепремиер, директор на правно лице и генерален секретар на Влада поднесени се кривични пријави за сторени повеќе кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот, информираше денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во врска со овој случај, освен за овие лица пријави има и за уште четири други, за кои Тошковски рече дека се државни службеници што работат во рамки на едно од правните лица.

Конкретно, иако тоа не го кажа експлицитно на прес-конференцијата, поранешниот премиер, вицепремиер, директор на фирма и генерален секретар се однесуваат на случајот со Државната лотарија.

Претходно Основното јавно обвинителство Скопје во соопштение наведе дека поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перприм Бајрами се осомничени за проневера во компанијата тешка 8 милиони евра, информираше Основното јавно обвинителство Скопје.

Според Основното јавно обвинителство Скопје денеска е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.

За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.

„Врз основа на кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, беше спроведена предистражна постапка во рамките на која беа преземени повеќе дејствија, а утрово, врз основа на соодветни судски наредби, беа извршени претреси на девет локации во Скопје и во кумановско со цел обезбедување докази за потребите на постапката“, соопшти ОЈО.

„Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор - Генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице- претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на АД Државна лотарија. Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови“, велат од ОЈО.

TRT Balkan
Популарни