Скопското обвинителство до скопскиот Кривичен суд поднесе Обвинителен предлог против физичко и правно лице за кривично дело фалсификување исправа.     Фото: АА (Архива)

Трагедијата во Бугарија, во која животот го загубија 45 државјани на Северна Македонија, кои се враќаа од патување од Истанбул, со автобус на туристичката агенција „Беса транс“ влезе во судска постапка.

Скопското обвинителство до скопскиот Кривичен суд поднесе Обвинителен предлог против физичко и правно лице за кривично дело фалсификување исправа.

„Обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа – Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај“, се вели во соопштението на скопското Обвинителството.

Дополнуваат дека „ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница.

„Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10 јануари 2021 до 21 ноември 2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини, информираат од Обвинителството.

Судењето за трагедијата во Бугарија се очекува да биде закажано откако предложениот обвинителен акт на скопското обвинителство ќе добие зелено светло од скопскиот Кривичен суд.

На 23 ноември минатата година во близина на Софија во Бугарија се запали автобус со скопски регистарски ознаки при што загинаа 45 лица, повеќето жени и деца. Најголем дел од жртвите се жители на Скопје и околината.

TRT Balkan
Популарни