Адвокатот Асмир Алиспахиќ најави дека ќе се жалат на пресудата / Photo: МИА

Беким Хаџиу, сопственикот на „Беса Транс“ е осуден на 20 месеци затвор за фалсификување на исправа бидејќи автобусот, во кој во сообраќајна несреќа во Бугарија загинаа 45 патници, немал лиценца.

Основниот Кривичен суд во Скопје на Хаџиу му пресуди и парична казна од 800.000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице за случајот што се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“.

Судијата Ивица Стефановски наведе дека обвинетите Беким Хаџиу и правното лице „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ се виновни затоа што обвинетиот, како управител на „Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус.

Според обвинителниот акт, Хаџиу искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа - Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај.

Бранителот на Хаџиу, адвокат Асмир Алиспахиќ најави дека ќе се жалат на пресудата.

„Ако направиме една компарација во делот на другите изречени судски одлуки и судски пресуди од ваков вид, иако е казната предвидена од една до пет години како казна затвор, сметам дека во конкретнава ситуација е превисоко одмерена, не само во делот на постоење на кривично дело“, рече тој.

Дополни дека теоријата на одбраната ќе биде презентирана и пред повисоките судови.

Според Алиспахиќ, за да се исполни битието на кривичното длео „фалсификување на исправа“, овен доказен материјал, потребен е и вешт наод.

Обвинителот Владимир Милошевски, пак, посочи дека ќе чекаат да биде изготвена писмената одлука на Судот, за да видат што би преземале понатаму,

„Повеќе не би сакал да ја коментирам одлуката на Судот, единствено тоа што судот го прифати во целост обвинението онакво какво што беше и ги огласи виновни обвинетиот и обвинетото правно лице, рече тој.

Неговите аргументи беа дека Министерството за транспорт и врски воопшто не издало извод од лиценца за конкретниот автобус, ниту било поднесено барање, ниту била издадена.

„ Тоа значи дека автобусот како што е напишано во обвинението, како што и Судот денеска при објава на пресудата кажа, покажувал пред надворешните управни органи извод од лиценца, а таков, за тој автобус, воопшто не бил издаден од надлежниот орган“, рече обвинителот.

И адвокатот Алиспахиќ и обвинителот Милошевски, потсетија дека овој процес не се однесува на автобуската несреќа што се случи со конкретнитот автобус во Бугарија.

Во ноември 2021 година на автопатот „Струма“, во Бугарија во автобуска несреќа на автобус на туристичката агенција „Беса транс“ загинаа 45 лица.

За несреќата истрага се водеше во Бугарија. Истрагата е завршена, а според истражните органи во Бугарија главна причина е човечка грешка.

Автобусот најпрво удрил во банкина, а потоа се запалил. Согласно вештачењето, возачот во моментот на ударот возел со 108 километри на час, на место каде максимална дозволена брзина била 90 километри на час. Како што се наведува во анализите на инспекторите, пламените јазици автобусот го зафатиле за неколку минути.

По несреќата, македонските истражни органи отворија истрага, но само за работењето на правното лице „Беса транс“.

MIA
Популарни