Обвинителството предложи притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост / Photo: МВР на РСМ

Во акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи уапсени се 17 припадници на затворската полиција.

Приведените затворски полицајци од КПУ„Идризово“ се осомничени дека му помогнале на З.Н.(33) од скопско Батинци, кој е осуден за две кривични дела убиство во обид, да избега од затвор.

Осуденикот одел на лекарски третман во приватна здравствена установа во Скопје, каде осомничените, наместо да го чуваат го пуштале да си оди од болницата. Тие биле откриени кога затвореникот бил уапсен додека бил во бегство.

„По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица .Предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“, велат од Обвинителството.

Според ОЈО, на 26.10.2023 година во приватна здравствена установа во Скопје, петмината затворски полицајци како група, со умисла помогнати од шестиот осомничен затворски полицаец- приправник, овозможиле бегство на лице осудено за кривично дело „Убиство“ по чл.123 ст.1 од КЗ.

„ Додека осуденото лице било на медицински третман, согласно прописите било обезбедувано од затворската полиција на КПУ-КПД Идризово. Критичниот ден со придружба на двајца осомничени затворски полицајци, лицето се упатило во просторијата за пушење во непосредна близина на болницата. Таму, заедно со придружбата поминало околу половина час, по што осомничените затворски службеници заминале, овозможувајќи му на осуденикот да излезе од просторијата и со автомобил да се даде во бегство. Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје“, велат од ОЈО.

Јавниот обвинител против останатите 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 до 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ.

Осомничените во текот на престојот на З.Н. во болницата, додека биле на смена го ослободувале осуденикот кој им било доверен на чување, а тој непречено без придружба ја напуштал здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќал назад.

Инаку, З.Н. Бил уапсен од специјалната единица „Тигар“ и во координација со Агенцијата за национална безбедност во февруари 2021 година кај Велес.

TRT Balkan / агенции
Популарни