Марко Рошиќ, еден од четворицата осудени за вмешаност во убиството на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ, е во бегство и по него трага косовската полиција.
Заменик-командантот на полицијата на Северно Косово, Ветон Елшани, потврди дека Рошиќ се бара од 28 јуни, кога беше донесена пресудата против него во Основниот суд во Приштина.
Елшани изјави дека истиот ден полицијата добила судска одлука од Специјалното одделение во Приштина за приведување на Рошиќ, но дека тој не бил пронајден.
Тој додава дека откако за тоа било известено Обвинителството, пред една недела, на 2 јули, била распишана потерница за ова лице кое е во бегство.
Марко Рошиќ е осуден на десет години затвор и парична казна од 10.000 евра за помагање во убиството на Оливер Ивановиќ. Рошиќ беше на слобода до изрекувањето на пресудата.
Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари 2018 година, пред седиштето на неговата партија во Северна Митровица, со повеќе истрели од огнено оружје во грбот.