Жупанискиот суд во Загреб на повтореното судење за случаите „селотејп“ и „гаража“, неправосилно го осуди Бранимир Главаш на седум години затвор за воено злосторство против Србите од Осиек во 1991 година.
Заедно со Главаш, на четири години затвор е осудена Гордана Гетош Магдиќ, поранешен командант на диверзантско-извидувачки вод на Оперативната зона Осиек, додека членовите на тој вод Дино Контиќ и Здравко Драгиќ се осудени на по три години.
Главаш, поранешен член на ХДЗ, кој подоцна основа сопствена партија, ја напушти судницата на Жупанискиот суд во Загреб со пцости при објавувањето на пресудата со која повторно беше осуден за измачување и убиства на Срби од Осиек во Татковинската војна.
Тој целата постапка ја нарече политички мотивирана фарса и најави продолжување на правната битка.
Законот предвидува на неправосилно осудените на повеќе од пет години затвор да им се изрече истражен притвор до правосилноста на пресудата.
Сепак, судскиот совет не му одреди притвор на Главаш, поради одлуката на Уставниот суд од 2015 година, според која тој веќе одлежал пет години, два месеци и 27 дена од казната.
Поранешниот командант на одбраната на Осиек и неговите сообвинети на почетокот на последниот дел од повторното судење повторија дека не се виновни за воените злосторства против Србите од Осиек во 1991 година.
На првото судење во 2009 година Главаш и останатите беа осудени на неколку години затвор, но правосилната пресуда Уставниот суд ја поништи.
Главаш дотогаш најголемиот дел од својата осумгодишна затворска казна ја отслужуваше во затворите во Босна и Херцеговина, каде што избега пред да биде изречена првата пресуда.