Казни од 30 до 2.000 евра се предвидени за сите граѓани кои ќе одбијат да се пријават / Photo: AA

Пописот на населението, семејните стопанства и становите „РеКос2024“ почнува денеска во Косово и ќе трае до 17 мај годинава.

Пописот за прв пат ќе се спроведе во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица на северот на Косово. Засега не знае дали косовските Срби ќе учествуваат на пописот.

Србите кои живеат во четири општини на северот на Косово го бојкотираа последниот попис одржан во 2011 година, додека одговорот на Србите јужно од реката Ибар беше само делумен.

За овогодинешниот попис се ангажирани околу 3.500 попишувачи, околу 900 надзорници и над 40 обучувачи. Прашалниците за прв пат ќе се пополнуваат електронски.

Казни од 30 до 2.000 евра се предвидени за сите граѓани кои ќе одбијат да се пријават.

Попишувачите ќе го посетат секое семејство во Косово, чии возрасни членови ќе одговараат на прашањата од водичот поединечно, секој за себе или по еден во име на целото семејство. Прашањата се однесуваат на лични податоци, етничка припадност, мајчин јазик, религија, степен на образование, економски и работен статус, за жените дали родиле и дали абортирале во текот на животот и друго.

За прв пат на списокот ќе биде вклучен посебен прашалник со прашања за човечки загуби и економски штети за време на војната, со цел граѓаните да можат да пријават убиени, исчезнати, повредени или затворени членови на семејството, како и економска штета во периодот од 28 февруари 1998 до 12 јуни 1999 година.

Од Агенцијата за статистика на Косово, која го организира пописот, нагласуваат дека попишувачите се обврзани да го посетуваат секое семејство трипати по потреба, а тоа ќе се прави во работни денови и викенди.

Пописот на населението ќе ги опфати оние граѓани кои живеат во Косово и немаат косовско државјанство, со исклучок на членовите на КФОР, ЕУЛЕКС и другите дипломатски мисии.

Исто така, во пописот ќе биде вклучено и населението кое живее надвор од Косово или дијаспората, кое може да учествува на пописот преку Интернет.

Прелиминарните пописни податоци ќе бидат објавени на крајот на јуни или почетокот на јули годинава, а конечните на крајот на годината.

Буџетот за пописот на населението е околу 12,6 милиони евра. Главен финансиер е Владата на Косово, но ќе има и меѓународна помош.

Според последниот попис од 2011 година, Косово имало речиси 1,8 милиони жители.

AA
Популарни