За криминал тежок близу 30 милиони евра се осомничени двајца поранешни директори на Клиниката за радиотерапија и Онкологија и тројца лекари, информираа денеска од Основното јавно обвинителство Скопје.
ОЈО Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешниот медицински директор на Клиниката, Нино Васев и поранешниот организациски директор, Нехат Нухи кои како соизвршители се осомничени за кривично дело – Измама во службата, а тројцата онколози за помагање при извршување на истото кривично дело. Васев е осомничен и за Злоупотреба на службена положба и овластување.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО донесе решенија со кои определи мерки на претпазливост за Васев и Нухи, на кои им се одземени пасошите и имаат забрана за напуштање на живеалиште.
Според Обвинителството, петмината се осомничени за седум јавни набавки на преговарање без објавување на оглас и без одобрение и согласност од Фондот за здравствено осигурување, скапи третмани на ден пред да починат пациентите и создавање на вишок лекови.
Осомничените имале за цел да создадат вишок лекови за кои што сѐ уште не е утврдено каде завршиле, а според првичната истрага, прибавиле имотна корист за друг во износ од близу 30 милиони евра.
Ова се информациите што на денешниот брифинг со новинари ги соопшти обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
Истрагата во овој момент се однесува на два клучни аспекти. Едниот е дека биле набавувани лекови на реверс, без објавување тендери односно во нетранспарентни постапки. На ваков начин се создавале вишок лекови и терапии. Вториот аспект, е што се препишувале повеќе од потребни лекови на име на пациенти.
Според обвинителката, спротивно на регистрационите одобренија за лековите биле препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.
„Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, ова, народски кажано, значи дека е раздолжувана терапија повеќе од тоа што треба да го примат пациентите“, рече таа.
Обвинителката информираше дека биле препишувани скапи лекови од новите генерации на „таргет“ и „имуно терапија“ на ден пред смрт на пациентите, кога веќе било очигледно дека нема да се развие дејствието на лекот.
„Согласно податоците кои се прибавени од клиниката, тие се препишани, дали се дадени или не, не можеме да тврдиме“, рече таа.
Во однос на следните активности кои ќе бидат преземени, таа информираше дека сѐ уште се прибавува документација, а се очекува и извештај од вонреден надзор на ФЗОМ и во тек е медицинско вештачење на експерти од Словенија.
- Не е исклучено во следниот период да имаме проширување на истражната постапка, дополни таа.
Казна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според измените на Кривичниот законик е до пет години, додека за „измама во службата“ минимумот е три години, а максимумот 20.