Челниците на косовските институции потпишаа пријава за членство на Косово во Европската Унија (ЕУ). На свеченоста што се одржа во Претседателството на Косово, апликацијата ја потпишаа претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти.
Османи оцени дека потпишувањето на апликацијата за членство во ЕУ е историски ден за Косово. Таа рече и дека во пресрет на 15-годишнината од прогласувањето на независноста, овој чин е посветен на сите граѓани на Косово, на посветените Европејци, заштитници и промотори на европските вредности.
Исто така, таа рече дека овој момент е посветен на секое дете, жена и маж во Косово кои ги жртвуваа животите штитејќи ги идеалите за слобода, независност и демократија.
„Косово, слободна пазарна економија и придонесувач за мирот и безбедноста, заслужува да биде дел од семејството на Европската Унија. Нашиот пат напред е јасен, процесот на влез во ЕУ не е единствен процес и процесот во целина може да биде долгорочен, но ние сме решени да успееме“, нагласи Османи.
Курти истакна дека општествениот и политичкиот консензус во Косово е дека иднината на земјата е во ЕУ. Тој рече дека Косово го прави првиот чекор кон членство во најголемата организација на мирот и просперитет во Европа.
Курти рече дека барањето за членство во ЕУ, кое е потпишано денес, ќе биде поднесено на чешкото претседавање со Советот на ЕУ во Прага.
„Ова е историски момент за нашата земја кој има за цел да отвори ново поглавје за земјата и нашето општество. Напредокот ќе зависи од нашата посветеност на длабоки и трансформативни реформи кои ја унапредуваат демократијата, го зајакнуваат владеењето на правото и ја развиваат нашата економија“, рече Курти.
Премиерот истакна дека брзината на напредување ќе зависи од Косово и поради тоа е неопходна сечија ангажираност и посветеност.
Коњуфца рече дека ЕУ ќе биде потполно дури кога сите европски народи ќе бидат нејзин дел. Тој ги повика институциите и претставниците на ЕУ едногласно да го одобрат ова барање.
Косово е единствената држава од регионот која до денес не упати барање за членство во ЕУ. Договорот за стабилизација и асоцијација досега е единствен договорен однос помеѓу ЕУ и Косово и стапи во сила на први април 2016 година.
Од 27 земји членки на ЕУ, Косово не го признаа пет држави, тоа се: Грција, Шпанија, Грчка администрација Јужен Кипар, Романија и Словачка.