Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина го потврди именувањето на новиот состав на Советот на министри, со што Босна и Херцеговина речиси пет месеци по одржаните општи избори доби влада.
На итната седница, со една точка на дневен ред, пратениците ја потврдија одлуката на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, за именување министри, заменици министри и заменик-претседател на Советот на министри на БиХ.
За министрите гласаа вкупно 23 пратеници, а за просто мнозинство и потврдување им беа потребни 22 гласа. Против беа 19 пратеници и немаше воздржани.
На денешната седница пратениците го потврдија именувањето на Елмедин Конаковиќ (НиП) за министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија (СНСД) за министер за финансии и трезор, Сташа Кошарац (СНСД) за министер за надворешна трговија и економски односи, Давор Буноза (ХДЗ) за министер за правда, Един Форто (Наша странка) за министер за сообраќај и комуникации, Дубравка Бошњак (ХДЗ) за министерка за цивилни работи, Ненад Нешиќ (ДНС) за министер за безбедност, Зукан Хелез (СДП) за министер за одбрана и Севлид Хуртиќ (Зелени БиХ) за министер за човекови права и бегалци.
Исто така, потврдено е и именување на Љиљана Ловриќ за заменик-министерка за надворешна трговија и економски односи, Ивица Бошњак за заменик министер за безбедност, Славен Галиќ за заменик министер за одбрана, Јосип Бркиќ за заменик министер за надворешни работи, Александар Горановиќ за заменик министер за одбрана, Огњен Јањиќ за заменик министер за комуникации и сообраќај, Маријана Мојиќ за заменик министерка за цивилни работи, Елвир Махмузиќ за заменик министер за правда, Мухамед Хасановиќ за заменик министер за финансии и трезор, Душка Јуришиќ за заменик министерка за човекови права и бегалци. Заменици на претседавачот со Советет на министри на БиХ ќе бидат Зоран Тегелтија и Зукан Хелез.
Претседавачот со Советот на министри, министрите и нивните заменици по потврдувањето на именувањата дадоа свечена изјава, со која се обврзаа дека совесно ќе ги извршуваат доверените должности, дека ќе го почитуваат Уставот на Босна и Херцеговина, дека ќе го спроведуваат Општиот рамковен договор за мир и неговите анекси во целост, ќе ги штитат и унапредуваат човековите права и основните слободи и ќе се грижат за интересите и рамноправноста на сите народи и граѓани.