Околу 300 пожарникари од сите црногорски општини протестираат денес пред Владата на Црна Гора, незадоволни од висината на платата и условите за работа.
Пожарникарите бараат oд премиерот Дритан Абазовиќ платите да им се пресметуваат како што е случај со припадниците на полицијата, војската и медицинските работници.
Претседателот на Синдикатот на пожарникарите Горан Трипковиќ во изјава за медиумите рече дека од 2015 година се обидуваат да сменат некои законски решенија.
„Покрај сите ветувања на на сите министри, сето тоа остана само на хартија“, рече Трипковиќ.
Тој вели дека со пресметката според програмата „Европа сега“ некој го „заборавил“ нивниот минат труд, ноќните и прекувремените часови. Трипковиќ наведува и дека имаат информации дека сите други служби добиле адекватна пресметка на платата.
Во август, по пожарната сезона, премиерот Дритан Абазовиќ на пожарникарите им вети награди.
За време на тогашната посета на пожарникарите во Котор рече дека сите кои учествуваат во гаснење на пожарот ќе бидат наградени од државата.
„По ветувањето на премиерот во август дека ќе бидат наградени пожарникарите спасувачи, тоа е единствената информација која ние тогаш ја добивме и од тогаш немаме никаква информација дека до таа помош ќе дојде“, рече Трипковиќ.
Повеќето општини на северот, вели Трипковиќ, имаат недостаток од адекватна опрема.
„Ние бараме и да ни се обезбеди опрема за да соодветно можеме да интервенираме. Ниту еден цент од она што ни е ветено немаме добиено“, нагласи Трипковиќ.
Надлежните, како што додаде тој, треба да се запрашаат што да очекуваат доколку не ги исполнат ветувањата кои ги дале.
„Не дојдовме поради политички пароли, намерно чекавме да поминат изборите за да ги побараме правата“, рече Трипковиќ.