Десет пратеници на Српската листа денеска официјално поднесоа неотповикливи оставки во Собранието на Косово     Фото: АА / Photo: AA

Десет пратеници на Српската листа денеска официјално поднесоа неотповикливи оставки во Собранието на Косово, откако во саботата сите српски претставници се повлекоа од Собранието и Владата на Косово, како и од сите институции на северот на Косово.

Илир Керчели, шефот на Кабинетот на претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца потврди дека оставките на српските пратеници се предадени до собраниската администрација.

Српската листа на последните парламентарни избори одржани во октомври 2021 година ги освои сите 10 мандати во Собранието на Косово резервирани според Уставот на Косово за српската заедница.

Сите десет пратеници на Српската листа во Собранието на Косово, министер во Владата на Косово, градоначалниците на четири општини на северот на Косово, како и сите претставници на Србите во косовските судови и полицијата, ги поднесоа своите оставки во саботата, на 5 ноември.

Како што е речено по повлекувањето од косовските институции, нивната одлука останува во сила сè додека Приштина не ги повлече своите „еднострани и противправни одлуки“ за пререгистрација на регистарските таблички и додека не формира Заедница на општини со српско мнозинство во согласност со Првиот договор од Брисел.

На повлекувањето од институциите му претходеше одбивањето на директорот на косовската полиција за регионот Север, Ненад Ѓуриќ, српските полицајци на северот на Косово да ја спроведуваат наредбата на Владата на Косово за казнување на граѓаните за возилата кои не се пререгистрирани со таблички на РКС (Република Косово), поради што в.д. директорот на Полицијата на Косово го суспендира.

Вучиќ: Излегувањето на Србите од косовските институции е историска одлука

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека одлуката на Србите да ги напуштат институциите во Косово е историска. Вучиќ како што рече бил скептик по тоа прашање, но дека големо мнозинство од Србите на Косово биле за оваа одлука.

Вучиќ истакна дека за тоа Србите да бидат принудени да ги напуштат косовските институции придонела информацијата дека нема да биде формирана заедница на српските општини, најавата дека ќе продолжи пререгистрацијата на возилата со српси регистарски ознаки и смената на Ненан Ѓуриќ прв човек на полицијата на северот на Косово.

Претседателот на Србија смета дека до смирување на ситуацијата на Косово ќе дојде ако американците бидат фер и коректни, а КФОР и ЕУЛЕКС да ги извршуваат полициските работи на северот на Косово. Според Вучиќ можно е катастрофално сценарио како што рече „доколку Албанците почнат да извршуваат полициска дејност на северот на Косово“.

Вучиќ предупреди дека за Србите и Србија нема план Б. Тој како што рече во интрвјуто ги молел судиите и обвинителите да не ги напуштаат веднаш косовските институции. Што се однесува до косовските полицајци Вучиќ рече дека сигурно не им било лесно да ги соблечат униформите, но дека тие веќе не можеле да издржат и дека е тоа автономна и автохтона одлука на српскиот народ.

Курти: Дијалогот и институциите немаат алтернатива

На повик на премиерот на Косово Албин Курти вчера е одржана седница на владиниот кабинет на чиј дневен ред беше дискуцијата за актуелната ситуација во земјата.

Истакнувајќи ја важноста од непречено работење на институциите и услугите кои ги пружаат, во текот на дискусијата е потврдено дека институциите на секое Министерство продолжиле да ги исполнуваат своите должности во рамките на своите надлежности, соопшти Владата на Косово.

„Курти изјави дека законитоста и уставноста не можат да се компромитираат, додека дијалогот и институциите немаат алтернатива. Тој повторно го искажа повикот да не се блокираат и да не се напуштаат косовските институции кои им служат на сите без разлика“, се наведува во владиното соопштение.

TRT Balkan / агенции
Популарни