Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа го усвои извештајот на известувачот на Советот на Европа (СЕ) за Косово, Дора Бакојани, во кој се препорачува прием на Косово без никакви предуслови.
Претседателката на Косово Вјоса Османи соопшти дека Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа го усвоил извештајот на Бакојани.
„Уште еден позитивен чекор“, изјави Османи на мрежата Х.
Таа посочи дека откако комисијата денеска го одобри извештајот, приемот на Косово во Советот на Европа ќе оди во Парламентарното собрание на Советот на Европа.
„Ќе продолжиме да работиме со сојузниците за да обезбедиме сите наши граѓани да добијат вистински пристап до инструментите за СЕ преку полноправно членство“, рече Османи.
Заменик министерот за надворешни работи и дијаспора на Косово, Крешник Ахмети, соопшти дека е усвоен извештајот на Бакојани, во кој се препорачува прием на Косово во членство без никакви предуслови.
„Ниту една од обврските што Косово треба да ги исполни не треба да се исполни пред членството. Дури и во клаузулата 11 јасно стои дека ветувањата мора да се исполнат по членството. Сите предлози за поставување нови предуслови беа одбиени од мнозинството членови на комисијата, што покажува дека Косово треба да стане членка во мај годинава и дека новите предуслови би биле неправедни“, напиша Ахмети.
Претседателот на Косово претходно денеска изјави дека Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово не е услов за членство и дека во извештајот на известувачот Бакојани се зборува за асоцијацијата како една од обврските по членството.
Условите за прием на Косово во Советот на Европа ги исполни Владата на Косово на 13 март кога ѝ наложи на Агенцијата за катастар на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд на Косово за враќање на 24 хектари земјиште на православниот манастир Високи Дечани.
Во мај 2022 година, Косово поднесе официјална апликација за членство во Советот на Европа, додека во април 2023 година ја помина првата фаза од постапката кога Комитетот на министри на Советот на Европа одлучи да го проследи барањето за членство на Косово до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
За прием во членството на Советот на Европа е потребно двотретинско мнозинство од 46-те земји членки. Бидејќи Русија се повлече, за да избегне протерување од меѓународната организација откако воено ја нападна Украина, Косово одлучи да поднесе барање за членство.