Извлекување пари од државни институции и компании и мито се делата за кои е осуден Санадер     Фото:АА

Балканските држави не можат да се пофалат со голем број на откриени случаи на висока корупција кои завршиле со ефективна затворска казна за сторителите. Дел од функционерите кои биле осомничени за кривично дело ги искористија законските и безбедносните пропусти за да и избегаат на правдата.

Други пак завршија зад решетки, но судските процеси траеја со години. Делумно поради специфичноста на кривичните дела за кои беа обвинети клучните политички фигури, но и поради одолговлекувањата кои им ги овозможуваат законите.

Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер и неговиот словенечки колега Јанез Јанша се едни од ретките функционери од највисок ранг кои знаат што значи живот во затвор. Деновиве Санадер повторно е актуелен со случајот за воено профитерство.

Намалена казната за случајот „Фими медија”

Иво Санадер според третата судска одлука за истиот предмет не е виновен за воено профитерство од 3,6 милиони куни односно 470 илјади евра. Во претходните две судења Санадер беше осуден, но повисоките судови во Хрватска ги поништуваа пресудите.

Сепак, Санадер е правосилно осуден во случајот „Фими медија”. Врховниот суд на Хрватска му ја намали затворската казна и наместо осум, Санадер ќе треба да одлежи седум години затвор поради извлекување пари од државни институции и компании.

Освен затворската казна, Врховниот суд одлучи дека Санадер ќе треба да плати 14,9 милиони куни (скоро 2 милиони евра) поради несразмерност на вредноста на неговиот имиот и примањата кои ги имал. Првичната казна му е намалена поради здравствени проблеми.

Според обвинението, екс претседателот на хрватската Влада со своите соработници преку фирмата „Фими медија” со наводни маркетинг услуги извлекувале пари за црни фондови за себе и партијата ХДЗ. Судскиот процес за случајот „Фими медија” траеше десет години. Поранешниот хрватски премиер избега во Австрија и потоа беше приведен во Салцзбург.

Санадер пресудата на Врховниот суд ја дочека во затвор. Веќе отслужува казна за случајот „Планинска” за кој доби казна од шест години. Обвинението се однесува на тоа дека бил вмешан во купувањето зграда за потребите на Министерството за животна средина од страна на министерот Петар Чобанковиќ. Таа зграда ја поседувал пратеник на ХДЗ. Овој случај во судските лавиринти се провлекуваше седум години.

Врховниот суд ја потврди пресудата за случајот „Ина мол” во кој Санадер е осуден на шест години затвор поради мито од десет милиони евра за одлучувачки глас во работењето на државната нафтена компанија.

Не е единствен во Хрватска

Во Хрватска на 10 месеци затвор беше осуден и вицепремиерот во владата на Санадер , Дамир Поланчец. Обвинет беше дека од државниот буџет на адокат му исплатил 65.000 евра за непотребна стручна студија.

И првиот потпретседател на Владата и министер за економија во кабинетот на Зоран Милановиќ, Радомир Чачиќ беше осуден на 12 месеци затвор поради предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици во Унгарија.

Тендерот со „Патриа” му пресуди на Јанша

Освен Санадер, поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша е висок државен функционер во регионот кој се нашол во затвор. Јанша во 2014 беше осуден на двегодишна затворска казна во слуајот „Патриа”.

Судот одлучи дека во 2006 кога бил премиер, од фирмата „Патриа” добил ветување за награда, ако оваа финска фирма го добие тендерот за снабдување на словенечката војска со оклопни возила. Тендерот бил вреден 278 милиони долари. Јанша одлежа девет месеци затвор. Врховниот суд ја укина пресудата и тој беше ослободен.

Јанез Јанша три пати беше премиер на Словенија. Тој е редок пример на политичар кој од затвор успеал да се врати на висока државна позиција.

Првпат Јанша беше избран за претседател на Владата на Словенија во 2004 година. Ја извршуваше функцијата до 2008, а втор пат стана премиер во 2012.

Груевски правосилно осуден, но не лежи затвор

И Северна Македонија е во групата држави со правосилно осудени високи функционери на затворски казни. Поранешниот премиер Никола Груевски доби две години затвор во случајот „Тенк” на Специјалното јавно обвинителство. Според пресудата тој е осуден за примање награда за противзаконито влијание за набавка на „мерцедес“ од 600.000 евра за потребите на Владата. Груевски не ја отслужува казната бидејќи се наоѓа во Будимпешта каде доби политички азил.

Во истиот случај осудена е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Таа е веќе во затвор. Врховниот суд ги потврди пресудите за „Тенк”.

Правосилна пресуда за Груевски има и за предметот “Насилство во Центар”. Во него е осуден на една и пол година. Во овој предмет на условна казна е осуден и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Бучковски бараше одложување на казната

Поранешниот македонски премиер Владо Бучковски исто така беше правосилно осуден. Заедно со армискиот генерал Методи Стамболиски доби затворска казна во случајот „Тенковски делови”. Бучковски беше осуден на казна затвор од три години, а Апелацискиот суд потоа му ја намали казната на две години. Иако пресудата беше правосилна сепак Бучковски не беше затворен.

Врховниот суд прво го прифати барањето на Бучковски за одложување на издржувањето затворска казна, а потоа ја укина пресудата за предметот „Тенковски делови” и го врати на повторно судење.

Маровиќ се лечи од депресија во Белград?

Поранешниот претседател на сојузната држава Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ е правосилно осуден на затворска казна во Црна Гора од три години и девет месеци, но не бил во затвор ниту еден ден. Процесот против него почна во 2016, а Маровиќ во 2017 година призна дека купувал земјиште во Будва преку фирма на неговиот син.

Маровиќ, поранешен висок функционер на ДПС, пребегна во Белград и до сега не е екстрадиран. Неговите адвокати тврдат дека се лечи од депресија.

Втората казна за Маровиќ е застарена. Поврзана е со истото дело. Тој требаше да плати казна 1,1 милион евра, но откако тоа не се случи судот му одреди затвор од една година. Тоа дело застаре во јуни минатата година.

TRT Balkan
Популарни