Претседателката Сиљановска Давкова утре во посета на Софија / Photo: AA

Претседателката на Република Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова утре ќе престојува во посета на Република Бугарија.

Како што најавија од нејзиниот кабинет, во рамки на посетата, претседателката Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев и ќе присуствува на настапот на македонската национална опера и балет, што во Софиската опера и балет ќе ја изведе операта „Набуко“ од Џузепе Верди.

„Во рамки на 52. Мајски оперски вечери претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на настапот на Софиската опера и балет во Скопје, при што ја потенцираше важноста и моќта на културната дипломатија, како нераскинлив дел од меѓународната дејност“, се наведува во денешното соопштение од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Последната официјална средба на претседатели на двете држави се одржа во октомври 2022 година во Софија, каде Радев се сретна со тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Во Бугарија со претседателката Сиљновска ќе бидат и министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за култура и туризам, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков.

Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски во пресрет на патувањето, на 10 септември, за посетата рече дека е „користење на културната дипломатија како алатка за подобро разбирање меѓу двете држави во период кога постои една непотребна тензија во билатералните односи“.

TRT Balkan / агенции
Популарни