Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со највисоки државни почести е пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, каде што допатува синоќа во официјална посета.
Ердоган во Палатата Србија беше пречекан од српскиот претседател Вучиќ, а додека се интонираа националните химни на двете земји, беа истрелани 7 артилериски рафала.
Поздравувајќи ја почесната гарда, Ердоган и Вучиќ се ракуваа и се фотографираа пред претставниците на медиумите. Двајцата лидери потоа ги претставија своите делегации.
Ердоган и Вучиќ потоа влегоа во палатата на тет-а-тет средба.
Заедно со Ердоган, во посета на Србија допатува и неговата сопруга Емине Ердоган, како и придружната делегација составена од министерот за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за млади и спорт Осман Ашкин Бак, министерот за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир, министерот за земјоделство и шумарство Ибрахим Јумакли, министерот за трговија Омер Болат, министерот за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу, шефот на Националната разузнавачка агенција, Ибрахим Калин, челникот на Дирекцијата за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, главниот советник на претседателот за надворешна политика и безбедност Акиф Чагатај Килич, претседателот на Oдбранбени индустрии, Халук Ѓорѓун, и претседателот на Советот за високо образование проф. д-р. Ерол Озвар.