Пендаровски посочи дека Северна Македонија ја цени улогата на Саудиска Арабија во напорите за стабилизација на Блискиот Исток / Photo: Кабинет на Претседателот на РСМ

Претседателот на Собранието на Кралството Саудиска Арабија- Меџлиси Ал Шура, Абдула бин Мухамед Ал Шеик, оствари посета на Северна Македонија.

Во рамките на посетата во Скопје, Ал Шеик се состана со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, на денешната средба Џафери му посака добредојде на Ал Шеик и ги поздрави досегашните добри и пријателски односи меѓу двете земји.

Џафери нагласи дека ваквите посети од највисоки претставници на Саудиска Арабија се поттик за натамошно зајакнување на соработката на повеќе нивоа, со акцент на потребата од интензивирање и зајакнување на заемната политичка комуникација на сите нивоа, особено и на економски план.

Претседателот Џафери особено ја потенцираше парламентарната соработка и ги поздрави досега прифатените иницијативи од страна на Саудиска Арабија за потпишување на повеќе билатерални договори во разни области.

Тој ги информираше соговорниците за стратегиската определба на Северна Македонија како држава, наедно и како дел од алијансата НАТО, секогаш да се стреми кон мирот и мирното решавање конфликти и во таа насока изрази надеж дека воените дејства на Блискиот Исток и во Украина ќе завршат што поскоро.

„Џафери ја поздрави досегашната соработка на мултилатерален план, а ја нагласи и можноста во наредниот период заедно со Кралството Саудиска Арабија да се работи на план за искористување на економскиот потенцијал и зголемувањето на трговската размена“, се вели во соопштението.

Претседателот на Собранието на Кралството Саудиска Арабија, Ал Шеик, потврди дека овие средби се корисни и за двете страни, особено во насока на зајакнување и зближување на заемните меѓудржавни односи.

Во таа насока, тој му предложи на Џафери во наредниот собраниски состав на Собранието на Република Северна Македонија да се формира посебна група за соработка, конкретно само со Кралството Саудиска Арабија, а упати и вербална покана за официјална посета на Кралството Саудиска Арабија во наредниот период.

„Ние како земја и нација сме определени за мир и соработка со сите земји во светот и во таа насока би сакал да работиме со Вашата земја на поголемо искористување на економскиот потенцијал што го имаме“, нагласи Ал Шеик.

Средба со Пендаровски

Според соопштението на претседателскиот Кабинет, Пендаровски го прими на средба Ал Шеик, на која било изразено задоволство од развојот на билатералните односи што се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање.

На средбата било истакнато дека соработката меѓу двете земји е интензивирана во последните неколку години, а тоа е потврдено со многубројни активности на двете страни.

Во оваа насока Пендаровски посочи дека со денешната посета очекува натамошно зајакнување на парламентарната соработка, што е значаен сегмент од севкупните билатерални односи на двете земји.

Покрај ова, соговорниците разменија мислења и информации за моментната ситуација на Блискиот Исток, а во контекст на важната позиција на Саудиска Арабија во арапскиот свет.

Пендаровски посочи дека Северна Македонија ја цени улогата на Кралството Саудиска Арабија во напорите за стабилизација во регионот на Блискиот Исток.

Тој нагласи дека за сите безбедносни прашања во Европа, како и на Блискиот Исток и регионот, Северна Македонија е усогласена со позицијата на ЕУ и ги координира своите политики во рамките на ЕУ и со земјите - партнери во НАТО.

„На средбата стана збор и за економската соработка помеѓу двете земји, при што претседателот Пендаровски упати честитки за ЕКСПО 2030 што ќе се одржи во Ријад. ЕКСПО 2030, како што истакна претседателот Пендаровски, ќе претставува додадена вредност во односот меѓу двете пријателски земји, а ќе влијае врз македонската економија во различни области, како енергетика, туризам, земјоделство и преработка на храна, недвижности, индустрија“, се вели во соопштението.

TRT Balkan / агенции
Популарни