Презентирана Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година

Министерот за дигитална трансформација на Северна Македонија Стефан Андоновски вчера на прес-конференција ја презентираше Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, за што кажа дека претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државава.

Тој информираше дека Владата на 45. седница, по сеопфатна дискусија ја донела Националната стратегија за сајбер безбедност.

„Чест и привилегија е да застанам пред вас денеска за да ја презентирам Националната стратегија за сајбер безбедност 2025 – 2028 – стратешкиот патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на државата во сајбер просторот. Оваа Стратегија се појавува во време кога посветеноста кон нашата дигитална инфраструктура и дигитализацијата воопшто, никогаш не бил поголем. За жал, повеќе од три години, Македонија функционираше без национална стратегија за сајбер безбедност, оставајќи драматичен недостаток во нашата подготвеност против заканите што се развиваат. Отсуството на сеопфатен закон за сајбер-безбедност дополнително нè изложи на ранливост, оставајќи ги институциите и граѓаните подеднакво на ризик“, подвлече Андоновски.

Во овој период, додаде тој, бевме сведоци на „алармантен пораст на сајбер напади и хибридни закани“.

„Тие варираат од насочени напади врз критична инфраструктура и јавни институции до широко распространети закани со бомби и кампањи за дезинформации што имаат за цел да го дестабилизираат нашето општество. Ваквите инциденти ја нагласуваат итната потреба за координиран, стратешки и силен пристап за заштита на македонскиот дигитален екосистем. Затоа, Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 не треба да се сфати како реакција на предизвиците, туку и како рамка што гледа напред за создавање безбедна дигитална иднина за секоj граѓанин, компанија и институција во државата“, посочи Андоновски.

Тој истакна дека нивната визија е да се изгради безбеден, флексибилен, одржлив и инклузивен дигитален екосистем, што „го поддржува економскиот раст, ги штити правата на граѓаните и ја поттикнува довербата во дигиталните технологии“.

Министерот кажа дека стратегијата идентификува пет клучни приоритетни области за справување со најитните предизвици и поставување на темелите за одржлив напредок.

Зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност – што се однесува на воспоставување силни структури на управување, како што е новиот сектор за сајбер-безбедност во рамките на Министерството за дигитална трансформација и подобрување на институционалната координација и способностите за одговор.

Потоа, обезбедување на критичните инфраструктури и системи – од енергетика и здравствена заштита до финансиски услуги, заштитата на овие витални системи е од суштинско значење за националната безбедност и економската стабилност.

Рамките за управување со ризик и јавно-приватните партнерства ќе играат клучна улога, истакна министерот. Како трета, тој го истакна градењето на сајбер-отпорно општество.

„Преку таргетирани кампањи за едукација и Центарот за побезбеден интернет, имаме за цел да ја подигнеме јавната свест за сајбер безбедноста, грижејќи се да овозможиме секој граѓанин да може да придонесе за побезбедна дигитална средина.

Четврта, минимизирање на влијанието на сајбер инцидентите со подобрување на механизмите за откривање инциденти, известување и управување со кризи, ќе го намалиме влијанието на сајбер нападите врз националните и секторските операции.

Петта, подобрување на националната и меѓународната соработка, нашите партнерства со меѓународните сојузници, вклучувајќи ги ЕУ, НАТО и глобалните организации за сајбер безбедност, ќе обезбедат усогласување со најдобрите практики и ќе ја зајакнат нашата колективна отпорност“, подвлече министерот.

За да се постигнат овие приоритети, како што додаде, „стратегијата воведува критични мерки, содржани во детален акциски план и индикативен финансиски план“.

„Овие мерки се однесуваат на формирање национален совет за сајбер безбедност за стратешки надзор, во рамките на националниот совет за дигитална трансформација. Оформување на централизиран систем за одговор на инциденти за рационализирање на управувањето со кризи“, рече Андоновски.

Според него, оваа стратегија претставува пресвртница во процесот на дигитална трансформација на државата. Тој рече дека дигитализацијата е неопходна, но и ризиците се реални.

„Како што видовме од сите досегашни сајбер напади врз критични сектори, заканите со бомби и координираните кампањи за дезинформација – ризикот и опасностите се тука. Тие закани ја нарушуваат довербата на јавноста, ги поткопуваат нашите институции и претставуваат значителен ризик за националната безбедност. Преземањето активности не е една од алтернативите, туку е единствен пристап што не дозволува одложување“, нагласи Андоновски.

Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025 – 2028 е документ со политики, но, не само тоа. „Повеќе – таа претставува наш стратешки план за постапување за обезбедување безбедна, одржлива и напредна дигитална иднина за сите“, додаде министерот.

Но, рече дека сепак, ниту една стратегија не може да успее без активно учество на секоја засегната страна.

„Сајбер безбедноста е заедничка одговорност“, истакна Андоновски.

TRT Balkan / агенции
Популарни