Второто издание на фестивалот „Раме Лахај Интернешнал Опера Фестивал“ (Rame Lahaj International Opera Festival), на чие чело е косовскиот тенор од светско реноме Раме Лахај, почнува денес во Приштина.
Фестивалот гради мостови на меѓународната оперска сцена
Целта на фестивалот, единствен од овој вид во регионот, е изградба на мостови помеѓу косовската и меѓународната оперска сцена и создавање опкружување за развој на младите уметници.
Директор на фестивалот Раме Лахај на прес-конференцијата рече дека ваков престижен фестивал не би можел да се одржи без поддршка на институциите, но и на приватните партнери. Истакна дека сите овие години фестивалот се одржува под патронат на општина Приштина, со поддршка на Министерството за култура и Операта на Косово, во соработка со Операта на Албанија.
Лахај истакна дека ја вложил својата енергија во овој фестивал, со надеж дека ќе стане традиционален.
„Сакав да бидам претходник и да им помогнам на младите таленти, кои како и јас некогаш, немаат можност за движење и аудиции или работа со мајстор на вокал, а за што јас имав поддршка од пријателите и семејството“, нагласи Лахај.
Министерот за култура, млади и спорт на Косово Хајрулах Чеку, рече дека го цени гестот на тенорот Лахај, кој како уметник на светската оперска сцена, се враќа во Косово и придонесува преку фестивал во својата земја.
Широк спектар на концертни вечери и програми
На конференцијата за медиуми присуствуваа и Перпарим Рама, градоначалникот на Приштина и Жан Бернард Томас, познат мајстор вокал од Франција кој потоа одржа и прва мајсторска класа во рамките на фестивалот.
Во рамките на второто издание на фестивалот „Раме Лахај Интернејшнал Опера Фестивал“ предвиден е поширок спектар на концертни вечери и програми.
Концертот „Раме Лахај и пријателите“ одржан е првпат во Приштина во 2019 година, па следуваше основање на првиот косовски оперски фестивал „Раме Лахај Интернешнал Опера Фестивал“ во 2021 година.