Самитот го организира Министерството за економија на Косово заедно со Советот за регионална соработка   Фото: АА

Дводневниот, петти по ред Дигитален самит за Западен Балкан - Приштина 2022 година, кој започна денеска, собра голем број претставници на земјите од Западен Балкан, Европската комисија и многу други гости.

Самитот годинава го организира Министерството за економија на Косово заедно со Советот за регионална соработка. Дигиталниот самит се организира секоја година во главните градови на земјите од Западен Балкан и ги опфаќа темите за дигитални вештини, инфраструктура и услуги, доверба и безбедност и дигитална економија.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека на самитот се собрале креаторите на деловните политики и експерти од областа на технологијата од регионот и пошироко. Курти рече дека Косово е подготвено да ја зајакне регионалната соработка и дигитализација.

„Дигитализацијата го зголемува квалитетот на услугите, потоа одговорноста на функционерите и транспарентноста на процесите во јавната администрација, но без сомнение и во индустријата, претприемништвото, образованието, здравството и друго“, нагласи Курти.

Министерот за економија Артане Ризваноли рече дека целта на самитот е диверзификација на активностите и вклучување на младите луѓе.

„Имаме толку добра и успешна организација која ги носи сите овие учесници, компании, говорници, панелисти, експерти од регионот, Европа и САД. Имаме многу интересни и релевантни теми за секторот како дигитални вештини, инфраструктура, услуги и сајбер безбедност, иновативен бизнис и многу други активности“, потенцираше Ризваноли.

На Дигиталниот самит присуствуваше и потпретседателката на Владата на Албанија, Белинда Балуку, а преку видео врска се приклучи и комесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји, кој рече дека ЕУ подготвува програма за сајбер безбедност која ќе започне следната година.

На овој самит учествуваат повеќе од 200 компании и повеќе од 60 говорници, како и 42 деца од сите земји поделени во 21 тим. За време на Дигиталниот самит ќе има четири натпревари на младински групи од сите земји во програмирање, компјутерски игри и други области.

AA
Популарни