Владата на Косово ја изрази својата загриженост во врска со предлогот на Европската комисија за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои поседуваат српски пасоши издадени од Координативниот центар на Србија.
Првиот вицепремиер за евроинтеграции и дијалог на Косово, Бесник Бислими, најави дека Владата на Косово испратила забелешки во врска со ова прашање до највисоките нивоа на Европската унија и ги повикала повторно да го разгледаат овој предлог.
Во објава на Фејсбук, Бислими наведува дека за овој предлог не се разговарало со Владата на Косово, ниту пак била консултирана или информирана Владата за тоа.
„Незаконските пасоши издадени од Координативниот центар на Србија ги третираат општините во Косово како дел од српската јурисдикција, што е повреда на нашиот суверенитет и e неприфатливо. Признавањето на овие документи ја поткопува интеграцијата на српската заедница, им штети на нашите напори во кои сме заедно со години. Дополнително, предлогот ги нарушува и духот и договорите на дијалогот за затворање на овие нелегални структури“, напиша Бислими.
Граѓаните на Косово, кои поседуваат косовски биометриски пасоши, од 1 јануари 2024 година ќе можат да патуваат без визи во европските земји од Шенген зоната. Граѓаните со српски пасоши уживаат безвизен режим од 2009 година, но оваа либерализација не важи за граѓаните на Косово, кои можат да добијат српски пасоши само преку Координативниот центар на Србија.
Бислими изјави дека Владата на Косово ја повикува Европската Унија пасошите издадени од Координативниот центар да ги третира како незаконски, како што ги третира и другите паралелни документации.
„Српската заедница во Косово не остана без визна либерализација, бидејќи може да биде опремена со редовни пасоши издадени од Косово и кои овозможуваат безвизно патување“, посочи Бислими и додаде дека косовската влада веќе спроведе забрзана процедура за опремување на сите косовски Срби со пасоши.
Тој изјави дека во последно време е забележан голем интерес на граѓаните, а бројот на издадени косовски пасоши е зголемен за 29 отсто во однос на минатата година.