По повод 25-годишнината од ослободувањето на Косово, на булеварот Мајка Тереза во центарот на Приштина се одржа парада на припадниците на косовските безбедносни сили и на косовската полиција.
Пред бројни странски и домашни гости продефилираа околу 1.500 припадници на КБС и КП, а беше изложена и воена опрема.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, истакна дека 12 јуни, Денот на ослободувањето, се почитува како жртва на народот и дека се почитува храброста, пожртвуваноста и непоколебливоста на косовскиот народ кој храбро се борел за слобода. Османи рече дека денеска е ден на сеќавање на болното минато, но и прослава на сегашноста и иднината.
„Косово е независно, тоа е вечното наследство на нашите херои и маченици, што најдобро се гледа од храбрите мажи и жени кои денеска ќе парадираат на парадите на косовските безбедносни сили и косовската полиција, кои се заколнаа дека ќе ја штитат татковината по секоја цена. Почитувани сојузници, овие сили кои денеска ќе маршираат се силите на мирот, тие се во одбрана на мирот, денес и засекогаш и по секоја цена ќе бидат во одбрана на слободата стекната со крв“, рече Османи.
Косовскиот премиер Албин Курти, обраќајќи им се на учесниците на парадата, рече дека денеска за првпат биле прикажани многу од разновидните и модерни оружја, кои цврсто ги држат во свои раце.
Курти изјави дека брзиот раст на косовските безбедносни сили е резултат на инвестициите и заедничката работа во текот на повеќе години, особено во последните три години од неговата Влада.
Премиерот рече дека е зголемен буџетот за армијата, дека се примени 1.852 нови војници, на кои годинава ќе им се придружат уште 600 регрути, а инвестициите во вооружување се тројно зголемени.
Лордот Џорџ Робертсон, поранешниот генерален секретар на НАТО, рече дека неговата земја Велика Британија, заедно со Германија, Франција и Соединетите Американски Држави, знаеле дека треба да се направи нешто за да се спречи Милошевиќ да продолжи со етничкото чистење на косовските Албанци.
Робертсон истакна дека по 78 дена бомбардирање целта била исполнета, српската војска си заминала, НАТО влегла и албанските бегалци се вратиле дома.
На парадата на КБС и КП, како и на свечената седница на Собранието на Косово, меѓу другите присуствуваа и претседателот на Албанија Бајрам Бегај, поранешниот шеф на привремената мисија на ОБСЕ на Косово, амбасадорот Вилијам Вокер, поранешниот Претседателот на Швајцарија Мишел Калми-Реј, поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ, семејствата на загинатите борци, ветерани и инвалиди на ОВК, амбасадори, претставници на косовските институции и граѓанското општество.
Во попладневните часови највисокиот државен врв на Косово ќе приреди свечен прием, а вечерва во Приштина ќе се одржи концерт на отворено.